АЛКОХОЛОТ – НАЈГОЛЕМАТА ПРИЧИНА ЗА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО

Потврда дека сум на вистинскиот пат во борбата со алкохолното зло и дека моите размислувања и ставови се исправни, е акцијата за сузбивање на семејното насилство, на кое порано се жалеа само понекои и само понекогаш, а денес тоа стана општа појава. По примерот на многу цивилизирани држави, борбата против семејното насилство, конечно започна и во нашава мила Македонија. Со внимание ги следам случувањата на оваа тема и, колку што можам да забележам, од страна на надлежните институции оваа акција досега се води погрешно, или во најмала рака, недостасува вистинска стратегија. Имено, сите институции што се вклучени во оваа акција целосно се занимаваат само со последиците од алкохолното зло, без притоа воопшто или многу малку да ги допрат причините, од кои произлегува насилството.

Гле, ухватили птицу певачицу,

муче је, стежу – ох тешко њој.

Јадница пишти, цвркут јој стао,

                            а они вичу: “Пој, птицо, пој”.          Державин

          Пред извесно време Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп го посети директорот за социјални работи. Бев пријатно изненаден од неговата намера да го вклучи клубот во борбата против семејното насилство, бидејќи, како што рече, само во неколку месеци од таа година, во оваа установа има пријавено дваесетина случаи на семејно насилство и, за жал, во сите случаи, главен виновник е алкохолот. Се договори со нашиот терапевт да поработат на еден случај и за следниот состанок клубот, наместо алкохоличарот, го посети неговата сопруга, со најмалото од трите деца. На прв поглед се доби впечаток дека жената е збунета, но таа брзо се созеде и храбро ја раскажа својата тажна приказна: како нејзиниот сопруг секој ден безмилосно ја малтретира, нарекувајќи ја пред децата со најпогрдни зборови, дека е курва и недомаќинка и, се разбира, дека постојано ја тепа. “Крајно е љубоморен и неразумен” и, како што рече “ништо не работи и никого не сака да го послуша за да го подобри своето однесување. Незнам дали повеќе ќе можам да издржам. Жал ми е за трите прекрасни дечиња, да не беа тие одамна ќе го оставев” – заврши таа.

          Просторијата ја исполни чудна тишина. Оваа храбра жена не кажа ништо ново, што ние веќе не го знаевме, но нејзините искрени зборови кои ја пренесуваа молбата за помош, не погодија сите. Сигурен сум дека во тој момент секој од нас во мислите ги виде солзите на своите најмили. Жената бараше помош, а ние во тој момент се чувствувавме немоќно. Можевме да помогнеме да ги ублажиме последиците од алкохолното зло, но чинителот на злото во тој момент веројатно безгрижно седеше во некоја кафеана, далеку од нашите погледи.

          Размислував што да кажам, како да ја охрабрам, да и дадам надеж дека сепак постои начин да се помогне. Како од сон ме штрекнаа зборовите на детето. Тоа невино, четиринаесет годишно детенце, уште на почетокот не можеше да ги задржи солзите. Повтори дел од приказната на својата мајка, но на крајот не запрепасти сите кога кажа тешки зборови, несвојствени за дете на негова возраст. Усните му трепереа и со плачлив глас силно викна, како да се надева дека ќе го слушне и неговиот татко алкохоличар: “Или вие преземете нешто состојбата да се подобри, или ние, трите братчиња ќе преземеме, вака повеќе не може да се живее.”

          Бевме целосно поразени. Го советувавме детето дека тоа е најгрешниот начин за решавање на нивните проблеми, но знаевме дека со нашите совети многу не му помогнавме на несреќното семејство. Сепак, се надевам дека ако еден ден таткото алкохоличар ги прочита овие редови, дека неговата совест ќе се разбуди и дека ќе го побара патот што води кон излезот од пеколниот алкохолен лавиринт, ќе го посети Клубот на лекувани алкохоличари каде ќе најде спас за себе, уште повеќе за неговите најмили.

          Исто така, се надевам дека од примерот што го наведов, институциите на власта ќе можат да заклучат дека најлесно ќе помогнат ако се позанимаваат, пред сé со причините кои довеле до насилството, се разбира, без притоа да се казнува чинителот на злото. Убеден сум дека на секој човек со правилен пристап, со упатување на вистинското место, а тоа се Клубовите на лекувани алкохоличари, најлесно може да се помогне.

          Методите за борба со алкохолното зло, многу убаво се опишани во романот “Како да се победи Кралот Алкохол.” Прочитајте ја оваа книга и ќе научите како најлесно да се справите со злото.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *