БОРБАТА СО АЛКОХОЛИЗМОТ ВО МАКЕДОНИЈА

Да не дојдев и на светот да не му говорев, не ќе дознаеја дека се грешни. Сега немаат изговор за својот грев. Но, кога го видоа, ме замразија и мене и мојот Отец.     Исус

        Борбата со последиците од алкохолната болест во нашата држава многу одамна е започната. Уште пред четириесетина години, неколку разумни луѓе ги согледале реалните опасности од алкохолизмот и го трасирале патот за борба со алкохолното зло. Тие го посеале семето за борба со алкохолната болест, ние денес треба само да го поливаме тоа семе за да имаме сигурни успеси во иднина.

          Луѓето обично се многу скептични и затоа често ги слушам вообичаените забелешки: “Акцијата и методите што ги предлагате за борба со алкохолната болест без дилеми се многу хумани и корисни, но се темелат само на празни зборови. Подобро кажете го практичниот начин: како тоа треба да се направи?”

          Ако навистина сакаме оваа акција да вроди со плод, треба да се создаде широк фронт за борба со алкохолното зло, најголемото зло за целото човештво. Пред се, во таквата акција треба да се вклучи целото општество, сите, повторувам – сите институции и сите разумни луѓе

          Во моите написи за борбата со алкохолната болест, посебно внимание им посветив на воспитувањето на децата и улогата што ја има околината при градењето на нивниот карактер. Покрај улогата на родителите, кои први доаѓаат во контакт со детето и од чие однесување многу зависи однесувањето на детето кон случувањата во иднина, важна, многу важна улога во градењето на карактерот на детето има образованието. Мислам дека денес во образовниот процес, воопшто или многу малку се води сметка за културно воспитното издигнување на младите луѓе. Особено внимание треба да се посвети на заштитата на младите луѓе од зависностите, а посебно внимание треба да се посвети на борбата против алкохолното зло, од кое се раѓаат речиси сите други зла. Треба континуирано да се организираат стручни предавања, на кои алкохолозите ќе ги обучуваат професорите и наставниците, а потоа во секое основно и средно училиште треба да се воведат задолжителни часови против зависностите. Убеден сум дека, откако децата уште од најрана возраст ќе се запознаат со опасностите што им се закануваат од алкохолот, дека бројот на децата, кои после полуматурските и матурските забави ги носат на детоксикација, значително ќе се намали, особено што нивниот број во последните десетина години рапидно расте, до загрижувачки граници. Се разбира дека не е исклучена можноста, со стекнатото знаење, во семејствата каде има алкохоличари, децата да им помогнат на своите најблиски, полесно да го најдат спасот од алкохолниот пекол.

          Сепак, најголема улога во борбата со алкохолната болест треба да има медицинската струка и наука. За жал, од за мене необјасниви причини, во пракса не е така. Речиси сите луѓе, кои ги убедувам дека алкохолот навистина е штетен, ми велат дека токму лекарот им препорачал да пијат алкохол како лек – по една чашка ракија пред јадење за циркулација на крвта, по една чашка мастика за апетит и варење на храната, дека било добро да се пие по една чаша црно вино за покачување на притисокот, варено вино со шеќер за лекување на грлото и што уште не. Еден мој пријател пред извесно време упорно ме убедуваше дека нема подобар лек за настинка, од една чашка ракија правена со коприви. Господе, се крстам со лева рака! Не можев да поверувам дека тоа го слушам од високо образован човек. Како да живееме во камено време. Во сите тие случаи останувам сам, само со својата вистина, бидејќи за нив зборот од недоучениот лекар има поголема тежина. Воопшто не им е важно тоа што укажувам дека токму медицинската наука докажала дека, после маснотиите, кои немаат никакво корисно дејство на организмот, на второ место е алкохолот, дека непобитно е докажано и токму докторите тоа јавно го кажуваат, дека не постои лек што може да се конзумира, во исто време со алкохол. Со чесни исклучоци, каков што е мојот случај, кога мојот матичен лекар др.Добрица Тинтоска Димеска ме упати во Клуб на лекувани алкохоличари и која е најзаслужна за мојот успех во мојата борба со алкохолната болест и за мојата денешна среќа, можеби токму луѓето од медицината – мислам на општите лекари кои први доаѓаат во контакт со заболените од алкохолната болест, и на докторите од нервните одделенија во болниците, каде започнува лекувањето во вистинска смисла на зборот, дека тие ја носат вината за големиот број заболени од алкохолната болест во нашата држава. Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп, за голема среќа, преку нашите терапевти Јове Велески – клинички психолог, др.Снежана Ѓорѓиоска – психијатар и Милка Темелкоска – социолог, има одлична соработка со нервното одделение од нашата болница, а доказ за тоа се новите апстиненти кои континуирано пристигнуваат во клубот. Сепак, очигледно е дека малкумина од докторите и социолозите сакаат да се вклучат во работата на Клуб на лекувани алкохоличари, со објаснување дека таму нема пари, дека тие вложиле многу во нивното школување за сега да работат бесплатно. За нив не е доволна награда благодарноста од луѓето, на кои ќе им ги вратат мирот и среќата во нивните домови. И можеби токму тоа е причината што секојдневно се појавуваат разни надрилекари и тревари, шарлатани, кои поттикнати од желбата за лесна заработка, нудат неиспитани лекови за лечење на алкохолната болест, можеби тоа е причината што терапевти во некои Клубови на лекувани алкохоличари, наместо луѓе од медицината и социологијата, се појавуваат и ги водат економисти, кои не се стеснуваат јавно докторите да ги нарекуваат “луѓе во бели мантили кои ништо не знаат и ништо не прават.”

          По примерот на многу напредни, современи држави, под заштита на Министерството за труд и социјала, во сите градови што поитно треба да се отворат што повеќе Клубови на лекувани алкохоличари, да се идентификуваат зависниците од алкохолот, да се одржува контакт со луѓето на кои им е потребна помош. И, за да се победи алкохолното зло, да им се направи добро на луѓето, не се потребни премногу пари, туку пред се, способноста навреме да се откажеме од конвенциите во нашиот живот, да почнеме да ги применуваме моралните човекови вредности, на кои, во ова тешко време, веќе целосно сме заборавиле. Потребно е да ги надминеме страшните заблуди во кои живееме, потребно е прво ние да излеземе од калта, за да имаме успех кога другите ќе сакаме да ги вадиме од неа.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *