ДА СЕ ПОЧИТУВАМЕ И СОРАБОТУВАМЕ ПОМЕЃУ СЕБЕ

Слични со мене се околу мене; и јас сум сличен со нив. Идентификувајќи се со другите, мудриот човек не прави зло, ниту е причина за злото.     Староиндиски запис

Во нашиот изопачен свет општите слабости и маани повеќе придонесуваат за меѓусебно зближување, од сите поуки на филозофите и теолозите.     Халифакс

Откако ќе ги осознаеме нашите грешки и ќе донесеме цврста одлука за победа над алкохолното зло по секоја цена, треба да понудиме и свои идеи со кои ќе си помогнеме себе си и на другите. Ако јас и ти имаме по едно јаболко и ги размениме, ниту јас ниту ти ќе постигнеш нешто. Но, ако ја заменам идејата што јас ја имам за идејата што ја имаш ти, на крајот и двајцата ќе имаме двапати повеќе отколку на почетокот. Значи, тимската работа претставува начин за зголемување на нашето духовно богатсво, начин постојано да се зголемува нашата волја за успех во нашата борба со алкохолната болест. Да запомнеме, кога двајца или повеќе апстиненти си помагаат, кои соработуваат и меѓусебно се дополнуваат и поддржуваат, секогаш постигнуваат многу поголем успех, отколку апстинентот кој сам се бори со алкохолните кризи. Соработката помеѓу апстинентите е најнепогрешливиот клуч до постигнување на сигурен успех во лекувањето на алкохолната болест. Поединечно ништо или многу малку можеме да постигнеме, бидејќи секогаш ќе бидеме изложени на многуте опасности и замки, кои ѓаволот ги поставува насекаде околу нас.

Многу алкохоличари прават грешка, кога за укажувањата од терапевтот и поискусните членови на клубот сметаат, како некој да им поставува домашна задача. Треба што побрзо да се ослободоиме од тој погрешен впечаток и со радост да ги прифаќаме поставените задачи. Единствена оценка која за нашата апстиненција ќе ја добиеме, ќе биде успехот или неуспехот во нашето лекување. За разлика од оценките кои ги добиваме на училиште, оценката добиена за нашето успешно лекување секојдневно треба да ја потврдуваме со нови, практични чекори, кои треба да бидат во склад со новите сознанија, стекнати во Клубот на лекувани алкохоличари. Треба да решиме сега и овде, правилата да ни станат средство за постигнување на посакуваните цели и успехот нема да изостане. Треба потполно да се внесеме во правилата за излез од алкохолниот пекол и да ги применуваме во секојдневните активности. Кога разумно ќе размислуваме за својот живот, ќе го пронајдеме тоа со што треба да се соочиме на патот кон успехот. Значи, треба да соработуваме и да се консултираме со терапевтите или со некој од поискусните апстиненти. Од извонредно значење е правилата за секојдневно однесување, што ние самите ќе ги определиме за нас, да ги разгледуваме и со нашиот брачен другар, отворено да разговараме за нашите размислувања и забелешки. Впрочем, вклучувањето и поддршката на брачниот другар во лекувањето на алкохолната болест, е најважниот дел од семејната терапија.

Ќе ја добиете вашата битка со алкохолната болест, бидејќи вашите терапевти – вашите Ангели, се чувари на вашата среќа и успешно ќе ве предводат во таа борба. Тие на себе ќе ја преземат сета ваша болка, сите ваши страдања. Нивната стратегија е посилна од сите лукавства на ѓаволот, нивната љубов и човекољубие ја докажуваат христијанската доктрина за победа над злото: “Бог со својата љубов и добрина ќе го победи злото.” 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *