28 ОКТОМВРИ, ПРАЗНИК ЗА ГРАДОТ ПРИЛЕП – ДВЕ ГОДИНИ ОД ПОСТОЕЊЕТО НА КЛУБОТ НА ЛЕКУВАНИ АЛКОХОЛИЧАРИ “ВИКТОРИЈА”

Дали е можно човек да се чувствува добро, да му се радува на животот, кога секојдневно, од сите страни, наидува само на лошо? Од свое лично искуство целосно сум убеден дека, нормален човек може да биде среќен и задоволен од животот, само ако се наоѓа опкружен со среќни луѓе. И, сосема логично, тоа подразбира желба да им помогне на другите да бидат среќни. Одговорот на прашањето: како да се достигне среќата, како да се пронајде својот душевен мир е едноставен: треба сите ние непрекинато да вложуваме труд, за да го направиме светот околу нас посреќен и, се разбира, сето тоа да го доживуваме како сопствена радост. Тоа е единствениот рецепт за исцелителната напивка, со која на несреќните луѓе околу нас ќе им помогнеме да го победат алкохолното зло, да го победат ѓаволот во себе, тоа е рецептот со кој можеме да им помогнеме на луѓето да се излечат и извлечат од ова масовно лудило. Напивката е вкусна и многу корисна, а Клубот на лекувани алкохоличари има задача да ги охрабри луѓето, за да го надминат срамот и стравот и, пред се незнаењето, за да ја испијат оваа благодатна напивка – за свое добро, уште повеќе, за доброто на своите најмили.

Во нашиот живот се зависи од нас самите. Се додека не го земеме сопствениот живот во свои раце, нема да имаме моќ да влијаеме на него. Животот претставува наша креација и никого не треба да обвинуваме за нашите пропусти, за кои самите сме одговорни. Тие активности бараат многу напор и воопшто не е лесно кој било човек, да се занимава со самиот себе, да го менува и гради својот живот. Човекот што се измачува поради нешто, посакува да има некој кој ќе му помогне, да се грижи за него и потсвесно се надева дека тоа ќе се случи. Тоа е нормално и сите луѓе го очекуваат тоа. Нагласувам – сите луѓе тоа го посакуваат, иако реалноста покажува дека никој не мисли и не се грижи за никого. Никој ништо не сака да преземе и поради тоа сите луѓе страдаат.

Резултатите што веќе се постигнати од активностите на Клубот на лекувани алкохоличари “Викторија”, покажуваат дека исклучоци од ова правило, сепак има. Сопругите од алкохоличарите, после долгогодишно измачување ја имаат загубено самодовербата, ја имаат загубено и довербата во најблиските роднини и пријатели кои пасивно, од страна, набљудуваат како се измачуваат во алкохолниот пекол и сметаат дека тоа е само нивна несреќа, која нив не ги засега. Што е најстрашно, ја имаат изгубено и надежта, последната Божица на која човекот може да и се обрати за помош. Со други зборови, остануваат препуштени сами на себе и на несреќната судбина. Само со една посета на КЛА “Викторија”, тие наоѓаат потпора во клубот, кој е единствената светла точка која им го покажува патот за излез од пеколот во кој толку долго живееле, им го покажува патот каде на крајот ги чека одамна изгубената среќа. Немам зборови со кои ќе ја опишам храброста со која овие жени, овие херои, се пробиваат низ темнината, а единствена утеха наоѓаат во надежта дека нема, по којзнае којпат, пак да доживеат разочарување. На тој пат наидуваат на безброј тешкотии, но со несебичната и непрекинатата помош од својот терапевт и своите нови пријателки од Клубот, полека, но сигурно, формираат своја стратегија за својата подобра и посреќна иднина. Почитувани членови на Клубот на лекувани алкохоличари “Викторија”, во тој, за Вас најтежок поход, витешки ги освојувате високите тврдини на добрината, љубовта и човекољубието. Радосно се вселувате во нив – на Ваше задоволство и на радост и среќа на Вашите најмили.

Посебна улога за одличните резултати што ги постигнува Клубот на лекувани алкохоличари “Викторија”, има терапевтот, социолог Милка Темелкоска, на чија иницијатива и на иницијатива на сопругите од апстинентите кои од самиот почеток редовно го посетуваат, се формира женскиот дел на Клубот, за поддршка на апстинентите. Вистинска љубов и човекољубие, кои се дадени од Бога, е да се чувствуваш среќен заради туѓата среќа. Терапевтските маневри што ги спроведува социологот Милка Темелкоска вродуваат со плод, бидејќи таа наоѓа сила и здрава смисла во практикувањето на фактот, дека нејзините стручни укажувања за надминување на проблемите, со кои секојдневно се соочуваат сопругите од алкохоличарите се однесуваат исклучиво за нив, дека нивната среќа е најважна и им е потребна само за нив, а тоа лично за неа е најголемата среќа, бидејќи со тоа ја постигнува својата зацртана цел – да даде се од себе за да го пренесе своето долгогодишно искуство и знаење на овие напатени жени, со што барем малку ќе помогне за да им се олесни животот.

Заедничката радост е темел на успесите што ги постигнува КЛА “Викторија”, и убеден сум дека многумина можат да завидат на тоа. Нашите односи се зацврстуваат кога си помагаме и се радуваме на успехот што го постигнува оној, на кој му помагаме, а се расипуваат кога не покажуваме такви чувства. Тогаш доаѓа до конфликти кои се повеќе се зголемуваат. Со други зборови, расте спротивставеноста и нетрпеливоста помеѓу членовите и на секоја следна кривина се смалува количината на радост, која ја упатуваме еден на друг. Со тоа причините кои ги поврзуваат членовите на клубот се се помалку и односите во клубот стануваат се полоши.

Најважното нешто што се учи во КЛА “Викторија” е – на кој начин треба сопругите да се однесуваат кон апстинентите, кој е патот за да му помогнат на заболениот алкохоличар. Почитувани членови кои го посетувате овој клуб, сите вие кои собравте храброст да го надминете незнаењето и сите предрасуди со кои луѓето се оптеретени – во КЛА “Викторија” го пронајдовте вистинското место, каде ќе научите како да ги надминете вашите проблеми, кои се предизвикани од алкохолот. Вашиот терапевт веќе Ве има научено како апсинентот да постигне успех, по советите што му ги давате, дека е потребно пред се, да предизвикате позитивни емоции кај него, дека тогаш самиот ќе посака да го измени начинот на своето однесување и, во иднина, ќе нема потреба да го терате со сила тоа да го прави.

Во чест на овој голем ден за градот Прилеп, но и за Република Макеоднија, со моите скромни можности, прилагодив една песна, со која сакам да го дадам мојот скромен придонес во одбележувањето на овој свечен празник.

НИКОГАШ, НИКОГАШ НЕ СЕ ОТКАЖУВАЈ

ВООПШТО НЕ Е ЛЕСНО ДА БИДЕШ ЖЕНА,
ДА БИДЕШ ЖЕНА НА АЛКОХОЛИЧАР,
КАДЕ БИЛО, ВО ОВОЈ ДВОЛИЧЕН СВЕТ.

НЕ ВРЕДИ ДА СИ: НИ ПАМЕТНА,
НИ УБАВА, НИТУ АМБИЦИОЗНА.
НИКОГАШ НЕ ЗНАЕШ,
ДАЛИ ДА ЗБОРУВАШ ИЛИ ДА МОЛЧИШ,
ЗА БОЛНИОТ АЛКОХОЛИЧАР,
ПОСЕКАКО НЕ ЌЕ ЧИНИШ.

КОГА БЕЗ СВОЈА ВИНА ЌЕ СЕ НАЈДЕШ,
ЗАРОБЕНА ОД АЛКОХОЛНОТО ЗЛО,
КОГА БЕЗ СВОЈА ВИНА СУДБИНАТА,
ЌЕ ТЕ ПОНЕСЕ КОН АЛКОХОЛНОТО ДНО,
КОГА СОПРУГОТ ЌЕ ГИ ИСПИЕ СИТЕ ПАРИ,
А ДОЛГОТ ВЕЌЕ Е МНОГУ ВИСОК,
САКАШ СО НАСМЕВКА ДА ГО ОХРАБРИШ,
НО, ВО СРЦЕТО СЕ СЛУША ПИСОК.

ТОГАШ ВО ГЛАВАТА ТИ ДОАЃА МИСЛА –
ГО ИЗГУБИВ ЧОВЕКОТ – ОВА Е КРАЈ.
ПОЧИТУВАНА, ПОСЛУШАЈ ГО ОВОЈ СОВЕТ:
ИЗДРЖИ НАМАЧЕНА ДУШО, ТРАЈ,
ОДМОРИ СЕ МАЛКУ И РАЗМИСЛИ ДОБРО,
НО, ПО НИКОЈА ЦЕНА, НИКОГАШ,
НИКОГАШ НЕ СЕ ОТКАЖУВАЈ.

ЗНАМ ДЕКА НЕ Е ЛЕСНО,
НО БИДИ УПОРНА И ЌЕ ДОЈДЕ ДЕНОТ,
КОГА НЕУСПЕХОТ ЌЕ СВРТИ ДРУГА СТРАНА,
ПОБЕДАТА Е БЛИСКУ, ЌЕ ЗАЛЕЧИ РАНА.
МОЖЕБИ МАЛКУ ВРЕМЕ ИМА,
СРЕЌАТА ДОАЃА ПО СЕКОЈА ТЕШКА ЗИМА,
НЕ ПЛАШИ СЕ, НАСЕКАДЕ ПОМОШ БАРАЈ,
НО НИКОГАШ, НИКОГАШ НЕ СЕ ОТКАЖУВАЈ.

УСПЕХОТ Е НЕУСПЕХ,
САМО НАОПАКУ СВРТЕН,
ВО ОБЛАКОТ НА СТРАВ И СОМНЕЖ,                                                                     ОД ЛОШО СЕМЕ ЗА’РТЕН.
КОЛКУ СИ БИЛА БЛИЗУ ДО УСПЕХОТ,
НИКОГАШ НЕ ЌЕ ЗНАЕШ –
ЗАТОА ЗАПОМНИ, НАЈВАЖНО Е:
ЗА ВЛОЖЕНИОТ ТРУД ДА НЕ СЕ КАЕШ.
БОРИ СЕ СО ТЕШКОТИИТЕ,
ХРАБРО, СО ПОСЛЕДНА СНАГА
И, БИДИ СИГУРНА – ПОРАЗОТ ЌЕ ГО СНЕМА,
ЌЕ ИСЧЕЗНЕ БЕЗ ТРАГА.

ВО КЛА “ВИКТОРИЈА” НАПРАВИВТЕ БУКЕТ,
ОД ВАШИТЕ ЗДРУЖЕНИ РАЦЕ,
И ТИЕ СЛОЖНО, СО ЗАЕДНИЧКИ СИЛИ,
ЌЕ ГИ РАСТЕРААТ ОБЛАЦИТЕ ТЕМНИ.

А, ПОЗАДИ ТЕМНИНАТА
И ЗА ВАС СОНЦЕ ЗЛАТНО ГРЕЕ –
СРЕЌАТА Е ТАМУ, ВИ НАМИГА, СЕ СМЕЕ.
БИДЕТЕ УПОРНИ, ИЗДРЖЕТЕ ДО КРАЈ,
И, КОНЕЧНО, ВАШИОТ СИН,
ЌЕРКА, БРАТ ИЛИ СОПРУГ,
ЌЕ ПОЧНЕ УСПЕСИ ДА ЖНЕЕ.

ЗА КРАЈ, ПОВТОРУВАМ УШТЕ ЕДНАШ,
ЗА НИКОГАШ ДА НЕ ЗАБОРАВИШ,
ДЕКА НАЈВАЖНОТО НЕШТО
ЗА РАДОСЕН И СРЕЌЕН ЖИВОТ Е:
ЗА ТВОЈАТА БОЛКА, ЗА ТВОЈОТ ЛЕЛЕК,
ВО КЛА “ВИКТОРИЈА” ИМА СИГУРЕН ЛЕК.
ЗАТОА, НАПАТЕНА ЖЕНО,
КОЈА И ДА СИ, ЗАПАМЕТИ И ЗНАЈ,
НИКОГАШ, НИКОГАШ НЕ СЕ ОТКАЖУВАЈ.

Со почит и љубов во Бога                                                                                

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *