“ГОСПОДА БЕЗГРЕШНИ”

%

Затоа, “Господа безгрешни”, сите вие што иронично се потсмевате и се однесувате како божем сте зачудени што сум стигнал до тоа дереџе; и сите вие кои отворено ме советувате да престанам да го посетувам Клубот на лекувани алкохоличари, за божем да го зачувам, по вашето длабоко убедување, сопствениот, уште повеќе да го зачувам авторитетот на моите деца; и сите вие кои во мене гледате идиот, кој за алкохолната болест и последиците од неа изјавува толку очигледни работи кога зборувам за алкохолот – на сите вам ќе ви речам: “Вие, што ми велите дека не треба да ја барам вистината за животот, бидејќи никогаш и никаде нема да ја пронајдам, бидејќи за вас целосна вистина не постои, вие сте непријатели не само на вистината, туку и мои. Вие тоа го говорите само затоа што и самите не живеете по вистината и за тоа сте потполно свесни, па затоа сакате и другите луѓе да живеат така. Што се однесува до мојот авторитет, убеден сум дека е премногу скромно дури и да претпоставам дека, ако јас не мислам и не зборувам, ако заборавам на моите глупости, дека и другите луѓе ќе заборават и повеќе нема да мислат на тоа. Секој човек треба да се радува кога ќе успее неговото тело да го ослободи од ропство или затвор, а како човек да не се радува кога ќе се ослободи од гревот, од желбите и посакувањата со кои е заробена неговата душа.

На луѓето треба да им помагате со личен пример. Настојувајте во мрачните агли на вашата совест да не ги криете срамните спомени на вашите гревови, туку спротивно, гледајте секогаш да ги држите во умот и секогаш сеќавајте се на нив, кога судите за гревовите на вашите блиски роднини и пријатели. Воопшто не ми е непријатно што сте упатени во тајните на некои најлоши постапки од мојот живот, бидејќи нема поголема несреќа отколу кога човек се плаши вистината да не му покаже, колку бил расипан и лош. Од моите некогашни постапки имам причина да се срамам, заради тие бесрамни постапки се кајам многу повеќе отколку што тоа вие воопшто можете да го замислите. Додека бев алкохоличар, за многу мои постапки, единствена утеха ми беше мислата дека за моето зло знаат само Бог и мојата совест. Но денес, денес сум среќен што и без вашата иронија можам да го видам сето мое зло, реално да ги согледам своите глупости, пропусти и неправди во животот, среќен заради цврстата одлука да го победам алкохолното зло, да ја победам алкохолната болест и никогаш повеќе да не ги повторам моите слабости, денес сум пресреќен од погледот на среќата на моите најмили. Јас живеам, живеам и денес, а утре можеби веќе ќе ме нема, можеби засекогаш ќе заминам таму, од каде и дојдов. Додека живеам јас знам дека ќе ми биде добро ако сум во љубов со луѓето, сакам да бидам среќен и радосен и затоа, додека живеам, јас сакам да сакам и да бидам сакан.”

%

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *