ИЗОПАЧЕН СВЕТ

Секое време се препознава по настаните што го одбележуваат неговиот календар, а за паметење ќе останат само ликовите на оние малкумина, кои дале свој придонес за општото добро на човештвото, направиле такви дела, со кои помогнале да се подобри животот и живеењето, на што поголем број луѓе. Со минување на времето, делата ќе преминат во историјата, а од хероите кои го одбележале, ќе остане само споменот за нивните (не) дела. Белег на нашето време, во кое сме принудени да живееме, е лицемерието и негрижата за луѓето. Воопшто не е тешко да се дојде до овие сознанија, а токму тоа и беше причината да го напишам овој текст.

          Неодамна на една странска телевизија, гледав една анкета. Имено, во еден многу голем, прометен супер-маркет во Америка, во одреден период од денот поминаа 1090 луѓе – може слободно да се каже, кремот на општеството. На неколку чекори од влезната врата, свиреше млад човек на виолина. Беше со среден раст, сразмерно граден, со виткана коса прекриена од парталавата капулјача што ја имаше на главата, со крупни, плачливи очи, со големи трепки и особено пријатни, милни, напрчени усни. Ги свиреше најубавите композиции од Моцарт, Бетовен, Бах … Никој од луѓето кои непрекинато влегуваа и излегуваа од продавницата, не застана да го погледне виолинистот, ниту да фрли некоја паричка во малата кутија, што беше поставена пред него. Виолината, на која што свиреше младиот човек беше многу скапа, изработена од светски познати мајстори. Симпатичното момче, облечено во стари, искинати алишта, крај вратата од големата продавница, со голема смиреност и трпение, што се гледаше од неговото лице, на секој нов такт се виткаше како славеј и свиреше композиција по композиција.

          Во еден момент, една стара, сиромашна женичка застана, потоа внимателно прииде сосема близу, а неговото свирење и причинуваше огромно задоволство. Со затворени очи ги слушаше звуците од виолината, кои навистина беа извонредни, може да се каже необични, со голема префинетост и мелодичност и покажуваа дека момчето има голема, природна дарба за свирење на виолина. Се потсети дека тие исти звуци често ги слушаше на старото радио, единствениот спомен на нејзиниот одамна починат сопруг. Жената почувствува нежност кон младиот човек и неискажлива благодарност заради преобразбата, што тој ја предизвика во нејзината душа. Се најде во чудо, никако не можеше да го сфати односот на луѓето кон симпатичниот млад човек, кој упорно продолжуваше да свири. Од изразот на лицата од сите тие луѓе можеше да се види дека тие можеа сосема мирно, угодно, безгрижно и лесно да живеат на овој свет. Во нивните движења и на лицата се огледаше таква самоувереност кон секој туѓ живот и такво предубедување што го носеа длабоко во душата, како целиот свет да постои само за нив и дека сето тоа мора така да биде и дека на сето тоа тие имаат потполно право. Жената несвесно го спореди свирачот-скитник, кој изморен, најверојатно гладен, засрамен, како жално гледа кон мнозинството што го игнорираше – сфати што ја притискаше нејзината душа како тежок камен и почувствува неискажлив бес кон тие луѓе. Едвај се воздржа да не извикне: “Зашто го игнорирате ова надарено момче? Тој е сиромав, но илјадапати е подобар од вас, во тоа сум сосема убедена.” Впрочем, младиот човек беше голем виртуоз во свирењето на виолина (намерно преправен во уличен свирач заради анкетата), кој ги полнел салите каде се збираа токму истите луѓе, кои денес надмено поминуваа покрај него. Жената почувствува болка, горчина во душата и, што е најважно, се срамеше заради момчето, заради мнозинството, заради себе, како таа самата да просеше пари свирејќи, па не и дале ништо, дури не ја ни погледнале. Почувствува необично чувство на мачнина. Ги изваде последните 20 долари, затоа што само толку имаше, се наведна и ги остави во празната кутија што стоеше пред нозете од момчето, а потоа со брзи чекори, за никој да не ги види срамот и тагата на нејзиното лице, замина што подалеку.

          Веројатно во мислите, разумната женичка уште долго ќе ги носи прашањата, на кои во тој момент не можеше да најде логичен одговор: Зашто сите тие образовани, богати луѓе, кои несомнено себе си се сметаат за посебни луѓе, за крем на општеството, кои имаат вистински можности, со своите пари  и својот авторитет да помогнат, го немаат тоа племенито, исконско чувство на добрина, хуманост, љубов и човекољубие? Зашто тие луѓе, кои на политичките митинзи и јавните настапи (божем) се многу загрижени за положбата на народот, кои осниваат организации, за божем поправање на животот на сите луѓе – зошто сите тие луѓе во својата душа не го наоѓаат тоа природно, исконско чувство за помош на човек кон човек? Дали тоа чувство навистина е исчезнато, а него го замениле славољубието и користољубието, со кои тие луѓе се раководат на јавните настапи? Однесувањето на луѓето, кои тој ден поминаа крај момчето без никаков сомнеж тоа го потвдуваше. Само да бидат видени во јавноста, тие исти, самонаречени хумани луѓе, на концертите од тоа исто момче, влезницата ја плаќаа и по неколку стотина долари. Тоа беа истите тие луѓе што не знаат што слушаат и не чувствуваат кога слушаат и, едноставно кажано, не знаат каде одат!

          Почитувани пријатели, воопшто не ме чуди однесувањето на оние, кои со радост, како животот да им зависи само од тоа, присуствуваат и го поддржуваат помпезното отворање на нови кафеани и разни фестивали за промовирање на алкохолот (со што на младите луѓе им се испраќа јасна порака во кој правец да ја насочат својата иднина), кои смислата на својот живот ја темелат на раскалашен живот и на кои поради тоа алкохолот им е драг, кои на драга волја ги прифаќаат изобличувањата на нашите укажувања дека алкохолот е штетен и цврсто се убедени дека тие не се точни, дека дури се бесмилени и штетни. Тие мирно продолжуваат, под изговор дека не прават никакво зло, секој ден да создаваат нови зла. Како и погоре споменатата женичка, и јас не можам да ја разберам статичноста на луѓето – буквално кремот на општеството, луѓе кои на разни начини можат да помогнат во намалување на последиците од алкохолното зло, да помогнат вистината за последиците од алкохолот, конечно да излезе на виделина. А таа вистина е толку едноставна! Јас тврдам (сигурен сум дека не сум единствен), дека само со вложување на голем труд и големо трпение, само со поклонување на искрена љубов и човекољубие кон алкохоличарите, најмногу може да се помогне во оваа тешка и долга борба.

          Светото Писмо не учи дека животот е љубов и, бидејќи е љубов, тој е радост, среќа. Навистина, сé што е потребно, единствено потребно е – да сакаш, да умееш да се навикнеш да сакаш, секогаш, да се одвикнеш да кого било не го сакаш – во четири очи и позади грбот. Оваа света вистина длабоко е навлезена во моите мисли и затоа со сите сили се трудам да постапувам по неа: треба да се бара и истражува, да се сака, да се работи единствено само тоа што е добро за сите луѓе – да се сака и да се развива љубовта во нив, да се ублажува нељубовта во нив.

          Единствено добро за луѓето е љубовта. Јас тоа по себе го знам и затоа само тоа им го посакувам и поклонувам на луѓето, единствено во таа насока ги усмерувам моите активности. Настојувам не само да ја допирам љубовта, туку смело живеам во таа смисла и затоа се изедначувам со секој човек и пред мене секогаш е само едно: пред мене е жив човек, додека сум жив во можност сум да го направам тоа што и мене и нему ќе му пружи среќа и пред сé, ќе ја исполни волјата Божја.

          Јас го кажав своето. Сега ми останува да се надевам дека во иднина ќе мотивирам што повеќе луѓе да ја разбудат и да ја прифатат хуманоста како водич, во нивните идни активности. Настојувам моите очекувања да не ги издигнувам на многу високо ниво, бидејќи знам дека во овој момент, можноста да се разочарам е повеќестуко поголема, отколку можноста да уживам во среќата, од успехот на моите хумани намери.

          Со љубов во Бога

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *