КАКО ДА ИМ ПОМОГНЕМЕ НА АЛКОХОЛИЧАРИТЕ

 Нека смиреноста ја победи лутината, нека доброто го совлада злото, нека грабливецот го заситат дарови, нека лажливецот го надмудри вистината – о, нека на омразата преку љубовта и дојде крајот.     Буда

        Како можеме најлесно и најсигурно да им помогнеме на алкохоличарите? Треба сите ние да ја признаеме нашата вина за несреќната состојба на многу луѓе, на кои сме можеле и на кои сеуште можеме да им помогнеме, а потоа сé што порано ни изгледало невозможно, ќе ни изгледа лесно и пријатно. Тогаш нема да се плашиме дека ќе ги извалкаме чевлите или облеката, нема да го жалиме трудот што ќе го вложиме и времето што ќе го изгубиме, нема да се плашиме и нема да бегаме пред навредите кои, во секој момент, можат да стигнат на наша адреса. Треба да бидеме спремни да седнеме на креветот од најзапоставениот алкохоличар и со него најсрдечно да разговараме, тој да почувствува како неговиот соговорник го почитува и сака, да ја почувствува топлината од дружењето со искрен, вистински пријател. Со смирено срце тивко да им речеме: ве почитуваме и сакаме, спремни сме да ви го поклониме целото наше внимание и помош, за полесно да го победите вашиот најголем непријател – алкохолот. Блесокот во нашите очи, насмевката на нашите лица, искреноста на нашите зборови ќе ги отворат нивните срца. И, кога ќе ја прифатиме таа благородна задача, после сите маки и напори, кога и во сонот ќе не измачуваат безбројните, тажни слики од средбите со алкохоличарите и нивните семејства, кога споменот на тажните, насолзени очи од нивните несреќни дечиња ќе ги параат нашите срца, слики и спомени кои барем за момент ќе не растревожат и ќе го нарушат нашиот мир, тогаш ќе ја знаеме разликата помеѓу лажниот напор за човековата слава и оној, вистинскиот напор за исполнување на Божјата заповед: “Сакај го својот ближен како себе си.” Кога сето тоа ќе го правиме тивко, од вистинско човекољубие, без возгордеаност и надуеност, доброволно, без тоа никој од нас да го бара, без притоа да бараме одобрување од кого било, тогаш за нашиот труд нема да ни бидат потребни и нема да очекуваме пофалби и награди, тоа нема да го правиме како голем подвиг, туку како нешто сосема најнормално.

          Значи, за да можеме и да бидеме способни да им помагаме на алкохоличарите, потребно е, пред сé, да дојдеме во непосреден допир со нив, да ги урнеме сите прегради кои не разделуваат од нив. Не велам дека оној, кој сака да им помага на алкохоличарите, дека треба да се откаже од својот начин на живот, но велам дека навистина би било добро, кон секој алкохоличар, да се постапува исклучиво со љубов и добрина, на секој алкохоличар да му го поклониме најскапото нешто што е во нас, нешто што нас ништо не не кошта, бидејќи љубовта и добрината се бесплатни. За да се постигне тоа не се потребни пари. Потребно е големо самопожртвување, потребни се луѓе кои ќе сакаат да прават добро, луѓе кои ќе го дадат потребниот труд, ќе се дадат себе си, ќе бидат спремни за такво добро да го дадат и својот живот. Постоело и секогаш ќе постои тоа дело, едно единствено дело за кое вреди да се даде и животот што човекот го има во себе. Тоа дело се пријателските односи помеѓу луѓето и рушење на оние прегради кои луѓето, најмногу со помош на лукавиот ѓавол и алкохолот, ги подигнале помеѓу себе, за да се мачат себе си и другите. Било што и да излезе од таа борба со алкохолното зло, сé ќе биде подобро отколку што било досега. Дури и сé да се заврши на тоа што само ќе разговараме со алкохоличарите, да бидеме убедени дека ни тоа не е ситница, најмногу поради тоа што ќе се однесуваме човечки кон стотици отфрлени, запоставени луѓе, на кои сега луѓето гледаат со презир и омраза. Кој може да пресмета какви позитивни резултати во општоморална смисла ќе има тоа што, наместо чувство на непријатност, злоба, завист, лошотилок, омраза.. ќе ги мотивираме стопати повеќе чувствата на хуманост, добрина и пријателство, кои ќе се пренесуваат на друг, трет и ќе почнат да ги зафаќаат луѓето како бесконечен бран. Па, нека се сведе само на тоа што многу луѓе ќе сфатат дека несреќата од алкохоличарите не е само нивна несреќа, туку несреќа и срамота за сите – нека се случи и само тоа и… тоа за почеток ќе биде многу добро.

          Но, зошто да не мислиме и да не се надеваме дека ќе може да се направи и многу повеќе? Зошто да не се надеваме дека ќе биде направено или барем ќе почне да се прави тоа што не може да се направи со пари, туку со искрена љубов и многу труд, единствениот начин со кој може вистински да им се помогне на алкохоличарите. Дури и да не успееме да го уништиме алкохолното зло, но ќе помогнеме да се роди, да заживее и да постои свест за него и свест за борба со него – не со полициски, присилни, туку со внатрешни методи, со искрена, братска комуникација помеѓу луѓето кои го осознале и луѓето кои не го гледаат, бидејќи тоа се наоѓа во нив. Колку и да биде направено, ќе биде многу!

          Но, зошто да не се надеваме дека ќе биде направено сé? Зошто да не се надеваме дека повеќе ќе нема ниту еден несреќен човек кој ќе биде отфрлен од луѓето, ниту еден несреќник, кого можеби го прегазила судбината или неговата глупост и незнаење, го довеле во одредена непријатна и тешка состојба него – уште повеќе неговото семејство, кој можеби и не знае дека и за него постои братска помош, можеби не знае дека постои силата на спасот, дека постојат Клубови на лекувани алкохоличари.

          Зошто да не се надеваме дека еден ден сепак ќе сфатиме дека за нас нема никакви обврски, дури ни лични, најинтимни, ни семејни, ни општествени, ни државни, ни научни, кои би биле поважни од борбата со алкохолот, поважни од среќата на секој човек? Зошто да не веруваме дека луѓето еден ден ќе се освестат и дека ќе сфатат дека сé друго е соблазност и лага и дека единствено само тоа е вредно дело, достојно дело на животот? И, зошто тој “еден ден” да не биде сега, денес или утре, зошто тоа да не биде во нашава мила Македонија? Зошто да не се надеваме дека со заболениот алкохоличар нема да се случи тоа што се случува со заболениот организам, кога одненадеж ќе настапи моментот на оздравување? Организмот е болен; тоа значи дека келиите престануваат да си ја вршат својата таинствена работа; едни умираат, други се раѓаат, трети остануваат рамнодушни, работат само за себе. Но, доаѓа моментот кога секоја келија почнува со својата животворна работа: таа ги истерува мртвите, со жива ограда ги заградува заразените, внесува живот на премалената келија и телото воскреснува и живее со полн живот.

          Дали не е помудро и поедноставно да се помогне за да се спречи повторувањето на страдањата што алкохоличарите ги имаат? Секако дека е помудро и поедноставно да им се помогне да го изберат разумот, а не јунаштвото, да се убедат дека не треба да изигруваат херои кои опивајќи се ќе го уништат алкохолот, дека е подобро да ја изберат моменталната болка при разделбата со својот господар – алкохолот, од неискажливите, пеколни, бескрајни страдања. Секогаш кога размислувам за болката на алкохоличарите, на тие несреќни луѓе, ми е многу тешко. Во тие моменти чувствувам голем срам во душата, толку голем срам што мојата рака трепери и не е способна да ги запише нивните маки и страдања. Порано не можев да видам зошто е така, но денес добро знам: во нив како во огледало се гледам самиот себе, го гледам својот живот. Кога подобро ќе размислам за својот и нивниот живот, гледам дека помеѓу нас нема некои битни разлики. Чудно и страшно е што вака несреќни луѓе постојат, уште почудно и пострашно е што постојат паралелно со нашата преголема самобендисаност, возгордеаност, со нашата заблуда и наивното верување што речиси сите луѓе го имаат, дека такво нешто нам не може да ни се случи, со нашиот егоизам кој се издигнал до крајни граници, страшно е што воопшто можеме да жевееме, знаејќи дека сето тоа постои. Тоа не треба и не смее да биде, затоа што на сето тоа треба да им се противат нашето срце и нашиот разум, тоа не смее и не може да биде ако сме разумни, живи луѓе. Гласот на совеста секогаш треба да не опоменува дека не смееме да бидеме безобзирни кон така несреќни луѓе, да не опоменува дека секоја несреќа што може да му се случи на било кој човек, може да ни се случи и нам.

          Патот за излез од алкиохолниот пекол е пронајден. Сите оние кои имаат било каков проблем со алкохолот, треба само да покажат храброст и волја и да ги порачаат книгите “Како да се победи Кралот алкохол” и “Исповед на еден алкохоличар” и ќе го пронајдат спасот за себе, уште повеќе за своите најмили.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *