НАМ НИШТО НЕ НИ ПРИПАЃА

%

На прв поглед изгледа дека е во право, но заборава дека, прво, животот не е блок за цртање и дека грешките и гревовите не се нацртани со молив, за кои може да се употреби гума за бришење за да ги снема, како воопшто никогаш да не постоеле, дека тие секогаш ќе живеат во срцето на секој искрен покајник и како болни рани ќе печат и до крајот на животот ќе го потсетуваат на минатото; второ, дека успехот во лекувањето на алкохолната болест, односно, менувањето на карактерот на апстинентот и неговите погледи за алкохолот и за животот воопшто, најмногу зависат од постојаните жртви и напори, дека тој успех, иднината и целиот живот на апстинентот и судбината на неговите најмили секогаш се ставени како на кантар кој се колеба и кој, со најмала грешка, може да претегне на оваа или на онаа страна; трето, да им помогнеш, да ги наговориш другите луѓе да прават добро е поголемо добро, отколку самиот да си го направил и; четврто, денес не можам, а да не се потсетам на деновите и ноќите кои трчајќи ме водеа во пропаст. Се потсетувам на тоа само затоа што тоа за мене е единствена вистина – се друго е лага. Значи, само го застапувам правото на сопствено мислење. Јас сум јас и нема да го подредам своето мислење по вкусот на мнозинството. Не гледам никаква причина да глумам дека прифаќам нечие мислење, само затоа што мнозинството го прифаќа или само се преправа дека го прифаќа. 

Убеден сум дека малку луѓе знаат што е тоа Клуб на лекувани алкохоличари, какви активности има во клубот при лекувањето од алкохолната болест, како изгледа еден лекуван алкохоличар, после редовно посетување на КЛА. Заради скромните сознанија, луѓето веројатно очекуваат во лекуваниот алкохоличар да видат промашено, неспособно, исплашено, уништено човеково битие кое не заслужува никаква почит и внимание, не заслужува ни малку сомилост и сожалување. Во очите од моите роднини, посебно во очите од моите божемни пријатели, изгледа дека за мене имаат оформено таква слика, така што се друго за нив е неприфатливо, невозможно, најмалку очекуваат во мене да видат среќен, нормален човек (под нормалност подразбирам чувство за праведност, за хуманост и разбирање, со капацитет за љубов кон другите луѓе).

Се е минливо и нам вистински ништо не ни припаѓа: ни семејството, ни нашето тело, ниту нашето богатство. Ни припаѓаат само нашите добри или лоши дела. Сликите од моето минато, од моите лоши дела, во последниве осум години безбројпати поминуваат низ мојата глава и воопшто не ми е тешко да сфатам колку злобно суштество сум бил, слики од кои безбројпати се згрозувам, кога ќе се потсетам колку подло сум ја злоупотребувал љубовта и добрината од моите најмили и, можам чесно да речам, дека при помислата на мојата злоба, секогаш се мразам самиот себе. Моите најмили, во буквална смисла на зборот, беа мои робови. Темата на ропството често се појавува во бајките, митовите и приказните, каде принцот, принцезата или некои други суштества се заробени од злобни сили на некој демон или вештица. Но, за разлика од јунаците во тие митови, кои вложуваат крајни напори и секогаш успеваат да ги ослободат принцот или принцезата и приказната среќно завршува, јас, моите најмили, иако можев, иако во моите раце целосно беше нивната судбина и нивната среќна иднина, сепак навреме не ги спасив од ропството на алкохолниот пекол. Спротивно, бев толку заблуден, така што на крајот се убедив себе си, дека тие по своја волја го прифаќаат тоа ропство.

%

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *