РАНИ ВО СРЦЕТО

Детето е половина мајмун, половина ангел. Колку треба да се издигнува и колку да се спушта, додека да стане човек?     Јозеф Еотвос

Дали знаете кој е најсигурен начин, со кој можете да го турнете своето дете во несреќа? Дозволете му да направи се што ќе посака.     Русо

Пред неколку денови, на покана од терапевтот г-ѓа Милка Темелкоска, присуствував на состанокот во Женскиот клуб за поддршка на апстинентите – “Викторија.” Немам зборови со кои ќе ја опишам прекрасната атмосфера која лебдеше во просторијата, од почетокот до крајот на состанокот. На секој лик од присутните, десетина жени, можеше да се забележи задоволство и среќа, слична на среќата од човекот, кој го пронашол скриеното богатство, што толку долго го барал. Терапевтот многу вешто, без воопшто да се наметнува, ги остави присутните да ги искажат своите маки, да се посоветуваат една со друга и да си понудат помош. Со внимание ги слушаше овие напатени жени, кои отворено даваа до знаење дека одамна не ја почувствувале радоста и среќата, дека, ако ништо друго, со посетата на Клубот, во нивните срца повторно се родила и живее мислата, дека излез од алкохолниот пекол сепак постои. При крајот на состанокот, терапевтот рече:

– Ве молам за малку внимание. Ќе ви раскажам една приказна која многу пластично ги прикажува раните во срцето, нанесени од алкохолот. Се надевам дека ќе ви се допадне.

МНОГУ ОДАМНА ЖИВЕЕШЕ ЕДНО ДЕТЕ, СО ЛОШ КАРАКТЕР. НЕГОВИОТ ТАТКО МУ ДАДЕ ЕДНА КЕСА ПОЛНА СО КЛИНЦИ И МУ РЕЧЕ: “СЕКОГАШ КОГА ЌЕ ЈА ИЗГУБИШ КОНТРОЛАТА ВРЗ СЕБЕ, ДА ЗАКОВАШ ПО ЕДЕН КЛИНЕЦ ВО ОГРАДАТА.”

ПРВИОТ ДЕН ДЕТЕТО ЗАКОВА 37 КЛИНЦИ ВО ОГРАДАТА. ВО ТЕКОТ НА НАРЕДНИТЕ МЕСЕЦИ СЕ НАУЧИ ДА ГО КОНТРОЛИРА СВОЈОТ БЕС И БРОЈОТ НА ЗАКОВАНИ КЛИНЦИ СЕ СМАЛУВАШЕ. ОТКРИ ДЕКА ПОЛЕСНО Е ДА ГО КОНТРОЛИРА СВОЈОТ КАРАКТЕР, ОТКОЛКУ ДА КОВА КЛИНЦИ ВО ОГРАДАТА.

И ТАКА, ДОЈДЕ ДЕНОТ КОГА НИТУ ЕДНАШ НЕ БЕСНЕЕШЕ. ТОЈ МУ ГО КАЖА ТОА НА СВОЈОТ ТАТКО, А ПАК ТАТКОТО МУ РЕЧЕ: “ОД ДЕНЕС СЕКОГАШ КОГА ЌЕ УСПЕЕШ ДА ГО КОНТРОЛИРАШ СВОЈОТ КАРАКТЕР, ЌЕ ВАДИШ ПО ЕДЕН КЛИНЕЦ ОД ОГРАДАТА.”

ДЕНОВИТЕ ПОМИНУВАА, А ДЕТЕТО ГИ ВАДЕШЕ КЛИНЦИТЕ МЕНУВАЈЌИ ГО СВОЈОТ КАРАКТЕР И ЕДЕН ДЕН МУ КАЖА НА СВОЈОТ ТАТКО ДЕКА ГИ ИЗВАДИ СИТЕ КЛИНЦИ ОД ОГРАДАТА. ТОГАШ НЕГОВИОТ ТАТКО ГО ЗЕДЕ ЗА РАКАТА И ГО ОДВЕДЕ ДО ОГРАДАТА И МУ РЕЧЕ НА СИНОТ: “СИНКО, УБАВО СЕТО ОВА СИ ГО НАПРАВИЛ, НО ПОГЛЕДАЈ ГИ СИТЕ ТИЕ ДУПКИ ШТО СЕ НАПРАВЕНИ ОД КЛИНЦИТЕ ВО ОГРАДАТА. ОГРАДАТА НИКОГАШ НЕМА ДА БИДЕ ИСТА. КОГА ВО БЕС ЌЕ ГИ КАЖЕШ НЕКОИ РАБОТИ, ТИЕ ОСТАВААТ ТРАГИ ВО ДУШАТА И СРЦЕТО, ИСТО КАКО ШТО СЕ И ОВИЕ ДУПКИ ВО ОГРАДАТА. АКО ЧОВЕК ГО ПРОБОДЕШ СО НОЖ И АКО ГО ПОВЛЕЧЕШ ИСТИОТ, ПОТОА НЕ Е БИТНО КОЛКУ ПАТИ ЌЕ КАЖЕШ ДЕКА ТИ Е ЖАЛ. РАНИТЕ ОСТАНУВААТ. ВЕРБАЛНАТА РАНА Е ИСТО ТОЛКУ БОЛНА, КОЛКУ И ФИЗИЧКАТА.”

ПРИЈАТЕЛИТЕ СЕ РЕТКА СКАПОЦЕНОСТ И ГОЛЕМО БОГАТСТВО. ТИЕ ПРАВАТ ДА СЕ СМЕЕШ, ТЕ ОХРАБРУВААТ ДА УСПЕЕШ ВО НЕШТО, ТИЕ СЕ СПРЕМНИ ДА ТЕ СЛУШААТ, ДА ЈА ПОДЕЛАТ ТВОЈАТА БОЛКА, ИМААТ УБАВИ ЗБОРОВИ ЗА ТЕБЕ И СЕКОГАШ ИМ Е СРЦЕТО ОТВОРЕНО ЗА ТЕБЕ. ПОКАЖЕТЕ ИМ НА СВОИТЕ ПРИЈАТЕЛИ КОЛКУ ВИ Е ВАЖНО НИВНОТО ПРИСУСТВО ВО ВАШИОТ ЖИВОТ.

ЖИВОТОТ НЕ Е БЛОК ЗА ЦРТАЊЕ. ГРЕШКИТЕ НЕ СЕ НАЦРТАНИ СО МОЛИВ ЗА КОИ МОЖЕ ДА СЕ УПОТРЕБИ ГУМА ЗА БРИШЕЊЕ, ЗА ДА ГИ СНЕМА, КАКО НИКОГАШ ДА НЕ ПОСТОЕЛЕ. ТИЕ СЕКОГАШ ЌЕ ЖИВЕАТ ВО СРЦЕТО НА СЕКОЈ ИСКРЕН АПСТИНЕНТ И КАКО БОЛНИ РАНИ ЌЕ ПЕЧАТ И ДО КРАЈОТ НА ЖИВОТОТ ЌЕ ГО ПОТСЕТУВААТ НА МИНАТОТО. СЕКОЈ АПСТИНЕНТ СЕКОЈДНЕВНО СЕ ПОТСЕТУВА НА ДЕНОВИТЕ И НОЌИТЕ, КОИ ТРЧАЈЌИ ГО ВОДЕЛЕ НЕГО И НЕГОВОТО СЕМЕЈСТВО ВО ПРОПАСТ. СЕ ПОТСЕТУВА НА ТОА САМО ЗАТОА ШТО ТОА ЗА НЕГО Е ЕДИНСТВЕНА ВИСТИНА – СЕ ДРУГО Е ЛАГА. СОБЕРЕТЕ СИЛИ И ПОМОГНЕТЕ ИМ НА ВАШИТЕ СОПРУЗИ. ПОКАЖЕТЕ ИМ КОЛКУ СТЕ СРЕЌНИ, ОТКАКО ТИЕ СТАНАЛЕ АПСТИНЕНТИ. ТОА ЌЕ ИМ ЈА ЗГОЛЕМИ САМОДОВЕРБАТА ВО НИВНИТЕ ВРЕДНОСТИ И СИГУРНО ВО ИДНИНА ЌЕ СЕ ТРУДАТ ДА БИДАТ УШТЕ ПОДОБРИ, ЌЕ СЕ ТРУДАТ ДА ВИ ГИ НАДОКНАДАТ СРЕЌАТА, РАДОСТА И СЛОБОДАТА, ШТО ПОРАДИ ЗАСЛЕПЕНОСТА ОД АЛКОХОЛОТ ВИ ГИ ОДЗЕЛЕ.

Чекорев полека, со наведната глава додека се враќав кон домот. Неколкуте кратки приказни што ги кажа г-ѓа Милка, непрекинато се во мојата глава. Срам ми е да признаам, дека по цели седум години редовно посетување на Клубот, осознав дека имало уште толку многу работи, кои можат да ја разбрануваат мојата душа. Со мојата одлука да почнам да го посетувам Клубот на лекувани алкохоличари управуваше провидението. Ме водеше Божјата рака и јас од дното на душата сум и благодарен. Чувствувам дека во клубот станав многу подобар, што можеби и не е многу, бидејќи бев многу лош. Но, сега сум цврсто убеден дека се што овде се случува е само добро, затоа што да сретнеш така прекрасен човек кој со сето срце и душа се труди, умее и сака да помогне, тоа мора да е Божја волја. Убеден сум дека мудроста на нашиот терапевт ќе ми даде уште поголема сила да успеам да го поднесам заморот, да не ги чувствувам напорите да им помагам на другите како терет, да ги поднесувам со радост, мислејќи само на среќата која ме очекува, од направеното добро дело.

Со љубов во Бога

One thought on “РАНИ ВО СРЦЕТО

  1. Ako ne go iskusis mrakot ne mozes da ja osoznaes svetlinata.Nevoljata gradi strplivost,strplivosta gradi pre kalenost a prekalenosta gradi nadez.Golemite dela se ostvaruvaat koga se izvrsuvaat malite kako sto treba.Lugjeto iljada pati povece se trudat da steknat bogatstvo odkolku duhovno obrazovanie,iako e sosema sigurno deka nasata sreca ja sozdava ona sto sme,a ne ona sto imame

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *