РЕЦИДИВ 1 – УЛОГАТА НА ПАТРОНАЖАТА

Можете лесно да убедите човек кој не знае; можете уште полесно да убедите паметен човек. Но, оној кој малку знае, а мисли дека е совршен, ни Господ Бог не може да го убеди.     Латинска поговорка

Премногу сум свесен за недостатоците на врстата на која и припаѓам да би се лутел на кој било најзин член. Мојот лек е: да се фатиме во костец со злото кое го гледаме, не повредувајќи го чинителот на злото, исто како што ни самиот не би сакал да бидам повреден заради грешките што непрекинато ги правам. Голем број луѓе према себе се субјективни, а кон другите објективни, додека за свое добро, би требало да се однесуваат спротивно.     Киеркегор

Многупати, кога правиме грешки, иако разочарани и депримирани, одненадеж забележуваме дека нашите искрени роднини и пријатели сеуште не сакаат и ценат, дека сакаат да ни помогнат, дека и покрај се сеуште ја немаат загубено довербата во нас. Во моментите на нескриена желба за помош, со својата искреност, тие не доведуваат до величенствено, духовно расположение во кое целосно се убедуваме во својата грешност, во кое добиваме многу голема сила и енергија за што поуспешна апстиненција – со тоа по којзнае којпат ни даваат уште една прилика повторно да се исправиме и храбро да зачекориме напред. 

Кога човек има во себе нешто што го измачува, потребно е да има некој сигурен, близок, искрен пријател во кој ќе има целосна доверба, на кој ќе може да му ја довери тагата за својата мака, каква таа и да биде, или таа со двојна снага ќе му ја притисни душата и можеби ќе стане неподнослива за него. И токму недовербата кон луѓето е причината што честопати многу луѓе – и тоа луѓе кои имаат најголеми и најубави доблести, ќе се почувствуваат слаби и не се способни да ја поднесат тагата на својата несреќна состојба, во која западнале од разни причини и тогаш прибегнуваат кон најлесното решение – посегнуваат по чашата со алкохол, мислејќи дека само алкохолот ќе им помогне да си ја олеснат тежината што ја измачува нивната душа.

Методите што се применуваат во Клубовите на лекувани алкохоличари за лекување на алкохолната болест веројатно се универзални или се разликуваат во многу мали нијанси. Комуникацијата и дружењето помеѓу апстинетите, љубовта и почитта што ја градат помеѓу себе, спремноста во секое време да си помогнат еден на друг, се основата на која се гради довербата кон Клубот, како единствено место за одржување на трајна апстиненција, како единствено место каде се гради цврстината на карактерот на апстинентот, за да може полесно да се пробива по трнливиот пат низ џунглата на животот.

Бидејќи ѓаволот е неуморен во настојувањата да го уништи човекот, тој никогаш не пропушта прилика да пронајде начин на кој човекот ќе го наведе на грев. Многу е веројатно дека гревот многу лесно ќе помине низ пукнатините на нашите најдобри намери и најсвечените заклетви во истиот момент, кога ќе помислиме на алкохолот. Затоа, секој апстинент мора многу да внимава, да во моментите кога лукавиот ќе го води по патеката на злото, кон рецидив, ако самиот не може да се спротивстави на ѓаволските искушенија, што побрзо да побара помош од своите вистински пријатели – терапевтите и членовите на Клубот на лекувани алкохололичари.

Како составен и еден од најважните делови на Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп е патронажната група, која редовно ги посетува сите апстиненти, особено апстинентите за кои ќе дојде до сознание дека направиле рецидив. Во сите случаи, кои се разликуваат еден од друг, бидејќи секој апстинент кој направил рецидив, наведува различни причини и различно реагира на нашата посета, ние се трудиме, на сите можни начини да го освестиме, да го мотивираме повторно да се врати во Клубот. Го убедуваме дека мотивот за нашата посета не е за да ја задоволиме нашата љубопитност, туку искрената желба да му помогнеме, бидејќи тоа само ние, неговите пријатели од Клубот, можеме да го направиме. Во повеќето случаи апстинентот не сака да признае дека му е потребна помош, од едноставна причина што цврсто е убеден дека самиот ќе ја надмине таа состојба.  Искуството не учи дека тоа многу ретко или скоро никогаш не успева и затоа сме упорни да го наговориме апстинентот повторно да почне да го посетува Клубот. Иако нашето убедување секогаш е искрено, често сме убедени дека тој нема да побара помош како што ние посакуваме, но од неговото лице секогаш може да се види дека му е мило што таа помош му ја нудиме. Речиси секогаш, на наше огромно задоволство, ефектот од нашата посета сепак има успех и апстинентот се враќа во клубот.

Посебен впечаток на мене остави попатната посета на еден драг колега, апстинент во клубот, кој неколку месеци не доаѓаше во Клубот. Беше изненаден од мојата посета и ме прими некако ладно, како гостин кој дошол во незгоден момент. Очигледно беше дека ѓаволот ја остварил својата победа, со тоа што во неговото срце внесол горко и тмурно расположение, бидејќи тој знае дека би бил наполовина помалку опасен, кога кај човекот би испраќал весело расположение и ведри мисли. Наведнатата глава од мојот домаќин, молкот на членовите на неговото семејство јасно укажуваа на мачната атмосфера што лебдеше во просторијата. Сепак, за разлика од неговото ладно, рамнодушно однесување, светлината и радоста што се појавија во очите на неговата сопруга недвојбено ја покажуваа молбата за помош, надежта и очекувањата од мене. Молкот го прекина домаќинот.

– Знам зошто си дојден и затоа веднаш да ти кажам дека залудно го трошиш времето. Нема потреба ништо да ми кажуваш. Впрочем, биди убеден дека се што ќе ми кажеш јас веќе го знам и тебе и на сите од Клубот можам да ви држам лекции за тоа. Ќе кажам само дека имам некои свои планови и кога ќе дојде време, самиот ќе се повлечам. Повторувам дека не ми се потребни твоите совети и затоа подобро е да разговараме за нешто друго.

Мачната атмосфера што настана со солзи во очите ја прекина неговата сопруга. – Некои членови на нашата фамилија почнаа да вршат голем притисок врз него за да го напушти клубот и од тогаш некој тежок терет, некоја тешка мора многу го измачува. Сепак, убедена сум дека тој терет не е така тежок за мојот сопруг да не може да го поднесе, само треба да собере храброст на вистината да и погледне во очи, бидејќи тој, како што го охрабрувам, ужива голема доверба кај колегите од клубот и дека само вие можете да му помогнете. Сигурна сум дека тој во длабината на својата душа знае дека постапува гадно и свирепо, дека тој, свесен за тие постапки, не само што не смее никого да обвинува и осудува, туку не смее ни да им погледне во очи на луѓето, а и да не зборуваме за тоа самиот себе да се смета за добар родител и сопруг, како што се сметаше порано. Залуден е целиот мој труд да го утешам. Раната во неговото срце изгледа дека е предлабока, грижата на совеста му го поматува умот и целиот е обземен од тага и очај. Не верувам дека ниту тој, ниту вие можете и да претпоставите колку мене ми е тешко. Постојано го охрабрувам и бодрам да не потклекнува со духот во својата неволја, која мислам дека вистински не постои, а самата себе не можам да се охрабрам, да не потклекнам кога го гледам како се измачува. Му говорам како треба храбро да го носи теретот на својата неволја, а самата таа храброст не можам да ја смогнам. Често се прашувам: како можеше толку да се измени? Како се случи тоа сега да личи на некој сосема друг, а не на оној кој сите го знаеме?

Излезе од собата гласно плачејќи, испратена со псовките на сопругот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *