РЕЦИДИВ 8 – СОВЕТИ ЗА БОРБА СО АЛКОХОЛНАТА БОЛЕСТ

Не мислам дека светот кога било би можел да биде совршено добар, но сигурен сум дека би можел и дека би морал да биде многу подобар.     Јозеф Чапек

Оној кој мисли дека во себе може да најде сила да се откаже од целиот свет, многу се лаже; оној кој мисли дека светот не може без него, се лаже уште повеќе.     Ла Рошфуко

Гласот на нашиот терапевт не натера повторно да се концентрираме на состанокот. Не можеше да ја сокрие возбудата што ја одаваа насолзените очи.

– Бидејќи ѓаволот е неуморен во настојувањата да го уништи човекот, тој никогаш не пропушта да пронајде начин, со кој човекот ќе го наведе во грев. Тој поседува многу искушенија на кои човековата природа не е способна да се спротивстави и има малку луѓе кои знаат како да постапат, кога неволјите ќе ги притиснат. Лакомоста и страста кон алкохолот е корен на сите зла, а нивното задоволување припрема најлоши стапици за да го трасира патот кон алкохолниот пекол. Има голема вистина во тоа дека и најсилните, најстабилните духови паѓаат во најголема разочараност и најлесно ќе потклекнат и ќе се предадат на очајот, штом ќе им се случи некоја несреќа. Кој не доживеал страдања не знае ништо: не го познава ни доброто ни злото, не го познава животот, не ги познава луѓето, не се познава самиот себе. Најмногу и најтешки последици има заради недостатокот на љубов и заради погрешните сознанија за животот. Страдањата што ги чувствуваме заради нашите срамни дела, заради нашата љубомора, заради нашата глупост се така жестоки, бидејќи нашата возгордеаност не ни дозволува да ги поднесеме, не ни дозволува искрено да се покаеме, за никогаш повеќе да не ги повториме истите грешки. Но, дали е потребно човекот да страда за да ги засака доблестите, за да го одбере вистинскиот пат во животот? Страдањата имаат своја снага која не поправа, таа не прави помилосрдни, таа не осветува, таа не прави подобри и не уверува дека можеме да бидеме уште подобри. Не треба да се потклекне под теретот, бидејќи тоа теретот го прави уште потежок. Секој човек мора една единствена работа добро да ја научи – како да се бори против страдањата.

Големото залагање на Клубот на лекувани алкохоличари не гарантира сигурен успех, но помага многу повеќе од кој било друг фактор. Секој човек, кој се грижи за духовниот развој на другиот, знае свесно или инстинктивно, дека тој може битно да напредува само низ однос, во кој постои реалност. Алкохоличарот, на чија жена и деца очајнички им се потребни љубов и внимание, може за тоа време да седи во кафеана и со солзи во очите да им раскажува на присутните, дека навистина го сака своето семејство. Треба да знаете дека основа за мир и хармонија во односите во семејството се љубовта, толеранцијата и вниманието. Кога некого го сакаме, му го поклонуваме своето внимание и целосно се посветуваме на неговиот развој. Кога во нас живее нашиот егоизам, ние повеќе се сакаме себе си и сме посветени само на сопствените задоволства.

Играјќи по свои правила, кои самиот однапред ги определил, воопшто не прашувајќи се што на луѓето околу него им е потребно и пријатно, болниот алкохоличар никако не може да разбере: зошто по кратко време почнува да ги нервира луѓето и која е причината, поради која на сите им се смачува од него? Додатна несреќа е тоа што алкохоличарите не можат правилно да ја одиграат својата улога во животот. Нивната агресивност е очигледна и затоа на луѓето од нивното опкружување не им е лесно да ја прифатат нивната игра. Алкохоличарите се навикнати во нас да гледаат статисти, така што секогаш се однесуваат како жртви, чии несреќи во животот се најголеми и затоа цело време се жалаат на неправдите што животот ги носи. Тие сакаат безрезервно да ги оправдуваме нивните постапки, а штом ќе им укажеме на спротивното, во истиот момент стануваме нивни најголеми непријатели. Затоа, треба многу да внимаваме, бидејќи ако се фатиме на нивното оро, ако ја прифатиме нивната игра, од сето тоа сите ќе бидат губитници – и ние и тие.

Жалам што нашиот другар западна во таква несреќна состојба и потоа го носеше теретот на грижата на совеста, под кој би морало да потклекни секое човеково битие во кое останало и малку снага да мисли и кое е свесно за среќата и несреќата во животот, со или без алкохол. Во такви моменти, во кои носи тежок терет од грижата на совеста, човекот потполно потклекнува со духот, ја губи надежта и нема желба да побара помош. Морам да напоменам и да истакнам како поука за оние, кои и покрај нашите напори, совети и укажувања, ѓаволот сепак ќе успее да ги доведе до рецидив. Апстиненцијата е како брана, рецидивот е како мала пукнатина низ која ќе протече тенок млаз на страстите. Малку по малку, тој ќе ги сруши ѕидовите кои не штитат од алкохолното зло и ќе дојде мигот, кога ништо повеќе не ќе може да ја совлада силата на страста кон алкохолот. Ако се урнат ѕидовите што не штитат од злото, алкохолот повторно станува наш апсолутен господар – повеќе нема да се прашуваме што е исправно, а што не е. Употребете ги сите сили, сето ваше знаење и искуство што сте го стекнале во Клубот, да не дозволите во вашата заштитна брана, што ја чува вашата среќа и среќата на вашите најмили, да се појави пукнатина.

Рецидивот е еден од доказите дека алкохолизмот е болест и дека алкохоличарите навистина се болни луѓе, дека нивната слабост кон алкохолното зло може да се појави во секој момент. Кога човекот, после долга апстиненција, ќе згреши и ќе посегне по чашата со алкохол и кога после тоа доаѓа до каење, поради неспремноста да се признае срамот и големата грижа на совеста, тоа каење секогаш е проследено со одредена доза на одбивност кон Клубот. И, макар колку љубовта кон Клубот да изгледа јака, одбивноста може да биде уште појака. Тоа е најмногу и поради стравот од иднината, бидејќи грешникот е свесен дека мора да започне се одново. Треба да знаете дека во такви моменти не смеете да ја изгубите довербата што ја имате стекнато кон Клубот, треба целосно да се потпрете на луѓето од Клубот, не смеете да ја изгубите храброста, туку смело да побарате помош, бидејќи да се изгуби храброста, исто е како целосно да сте се препуштиле на злобната судбина.

Алкохолот е како дрога. Кога човекот првпат ќе се опие, го опфаќа чувство на еуфорија, на целосно опуштање. Другиот ден посакува уште повеќе. Труењето сеуште не е целосно, но тој веќе ја почувствувал моќта на заблудата и сеуште е убеден дека секогаш ќе остане свој господар, дека со пиење може да престане кога што сака. Најстрашно од се е тоа што таа мисла ќе го следи и тогаш, кога ќе стане целосен роб на алкохолот. Секој човек кој завлегол или веќе се наоѓа во алкохолниот пекол, треба да дојде во Клубот, каде ќе се ослободи од сите сомнежи. Кога човекот ќе одлучи да се лечи од алкохолната болест, мора да биде спремен со душата и телото да остане во Клубот, без да размислува дека тоа е само привремено, дека повторно ќе може да му се врати на поранешниот живот. Поделеното царство не може да им одолее на нападите на непријателите. Поделениот човек не може со достоинство да се соочи со проблемите кои ги носи животот, особено не може да им одолее на сите лукавства, со кои ѓаволот го мами за враќање кон пеколот. Кога вистински ќе ја осознаете разорната моќ на алкохолот во уништувањето на човекот, кога ќе го прифатите лекувањето во Клубот, ќе го прифатите и новиот начин на живот. Вашиот живот можеби нема да стане совршен, но барем ќе научите како полесно да го прифатите животот таков, каков што всушност е. Кога ќе научите дека проблемите треба да се решаваат, а не да се избегнуваат, да се помирувате со проблемите кои не можат да се решат, наместо да им се спротивставувате со сета сила, дури тогаш вистински ќе почнете да живеете.

Лекувањето од алкохолната болест е сложен, долготраен процес, кој трае доживотно. Тоа е лекување кое бара голема трпеливост. Сум забележал дека некои апстиненти, поради своето неискуство, уште на почетокот употребуваат голема упорност и сила, слична на човекот кој зема чекан за да скрши орев или пушка за да убие мува. Тоа не е потребно. Во своето лекување вложете еден мал дел од напорите со кои сте си го упропастувале своето здравје и успехот ви е гарантиран. Не можете за кратко време да го поправите тоа што цел живот сте го уништувале. Речиси сите апстиненти, кои почнуваат со лекувањето од алкохолната болест, го поставуваат истото прашање: “Колку време му е потребно на апстинентот за да се излечи.” На сите им го даваме истиот одговор: “Апстинентот ќе биде подготвен да заврши со лекувањето од алкохолната болест тогаш, кога ќе биде во состојба да биде добар терапевт.” Тоа повторно значи доживотно, бидејќи дај Боже да стане добар терапевт – тогаш не само што ќе може да си помага себе си, туку ќе им помага и на другите.

Во зависност од својата религија, луѓето одат во храмовите затоа што веруваат, се надеваат и бараат помош од својот Бог. Религијата во која веруваат сите апстиненти е една и единствена – длабоко веруваат и ја ценат вистината, веруваат во своето духовно созревање и напредување, безрезервно веруваат во своите терапевти и нивните совети. Тоа е најчудна религија, бидејќи тие се спремни да ги прифатат страдањата на предизвикот и агонијата на одлучувањето, тие се спремни да ја прифатат одговорноста за своите постапки. Тие храбро го прифаќаат лекувањето од алкохолната болест, а сето тоа го прават заради своето убедување во исправноста на изборот за нивната и среќата на своите најблиски, заради своето убедување дека тоа за нив е единствена вистина. И сета таа активност, сите тие сознанија, што за нив живот значат, ги добиваат во својот храм, во Клубот на лекувани алкохоличари.

Потрудете си прифатете ги нашите совети. Посакуваме и вас да ве преокупираат слични мисли и тие да ви бидат од корист. Можеби понекогаш ќе помислите дека сте ги прокоцкале сите свои шанси да бидете успешни како и другите луѓе, но бидете убедени дека, ако со сите сили се трудите колку што најдобро можете, воопшто не се сомневаме дека ќе успеете во вашето одење кон посреќна иднина.

Овој ден сите ние треба добро и долго да го паметиме, бидејќи најдобар пример за тешкотиите во борбата со рецидивот, како појава, која за жал им се случува на некои апстинанти, за тешкотиите во искачувањето кон врвот на вистината и успехот во уништувањето на алкохолното зло, ни даде нашиот драг апстинент. Се радуваме што одма по нашите укажувања, тој се разбуди и целосно ги измени своите ставови за алкохолот, што е непобитен доказ за љубовта и почитта што помеѓу себе ја имаат членовите на Клубот, за љубовта кон вистината и кон животот воопшто. Исто така, овој ден треба посебно да го паметиме, бидејќи неговата сопруга ни даде прекрасен пример дека без семејната љубов, нема излез од пеколниот алкохолен лавиринт. Нејзината спремност активно да се вклучи во активностите на Женскиот дел од Клубот за подршка на апстинентите “Викторија”, е уште еден пример за пожртвуваноста, за спремноста да се направи се за повторно да се врати мирот, радоста и среќата, да се зачува домот и семејството. И на двајцата искрено ви благодариме што денес ни дарувавте толку голема среќа.  

 

 

 

 

 

      

One thought on “РЕЦИДИВ 8 – СОВЕТИ ЗА БОРБА СО АЛКОХОЛНАТА БОЛЕСТ

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *