СПАСОТ Е НА ДОФАТ НА РАКАТА

%

Но, тогаш Бог одлучи да смеша прсти во нашиот живот. Еден тмурен, пролетен ден, јас заминав во полето да работам, а мојот сопруг, како и обично, тргна кон кафеаната. На половина од патот, забележал дека ги заборавил оние малку пари што ги имаше и одлучил да се врати, за да ги земе. Само што дошол до портата, видел дека целата куќа е во пламен. Комшиите збунето стоеле во дворот, викајќи: Спасете ги децата! Но, кој да ги спаси? И денес се чудам, од каде кај мојот Ристе дошла таква сила, кога знам дека едвај на нозе стоеше!Со голема сила влетал во собата каде тие спиеја, ги зел двете деца и ги изнасол надвор од куќата. Потоа се вратил по малото сандаче, во кое ги чувавме поважните работи, пред сé нашите докуманти, но кога стигнал до вратата, една запалена греда паднала врз него и… да не биле комшиите, кои со голем напор го спасиле, веројатно жив ќе изгорел. Работев наведната во блиската нива, кога викотниците од соселаните ме натераа да ја кренам главата и… кога го видов чадот, што се издигаше од правецот на нашата куќа, ја фрлив мотиката и со трчање поитав кон куќата. Во главата ми доаѓаа најцрни мисли. Кога стигнав до дворот, ја затекнав колата за брза помош на заминување. Брзо се качив во колата и заминавме во градската болница. Неколку денови лекарите се бореа за животот на дечињата, кои беа затруени од чадот и… фала му на Бога, успешно ја завршија нивната работа!

          Но, состојбата со Ристе беше многу критична. Имаше изгореници по целото тело, а лицето му беше упропастено. Десетина денови не можеше да се освести. Дење и ноќе бдеев над него. Ноќта, по десеттиот ден, седејќи на клупата во ходникот од болницата, за миг задремав и… сонив чуден сон! Како да одев низ некоја пеколна темнина, ги напрегав очите, но не можев ништо да видам. Ме фати страв, кога од темнината слушнав некој глас, кој јасно го изговори моето име.

          – Погледни подобро околу себе Милево… чекориш по патот што ти му го припреми на твојот Ристе. Сакаше што побрзо тој да умре, да се куртулиш од него, а тој денес беше човек, беше херој… денес ти покажа дека дури и таков, каков што е – пијаница, може да направи добро дело и да биде од многу голема корист. Тој денес ги спаси вашите деца и затоа, моли се на Бога да преживее. Биди убедена дека неговата смрт ќе биде најголемата несреќа за тебе, бидејќи грижата на совеста ќе те уништи. Вложи напор и помогни му да излезе од пеколот, да го победи алкохолното зло и ќе видиш колку си грешела, ќе видиш дека од него може да биде добар човек и прекрасен сопруг. Сега е вистинскиот момент, се наоѓаш на вистинското место. Побарај го спасот, тој ти е на дофат на раката!

          Сонот ми го прекина дежурната сестра, која нежно ме тресеше за да ме разбуди.

          – Сопругот се освести… сака да те види – ми рече таа.

          Ристе лежеше на креветот, малаксан и немаше сила ни да зборува. Само праша како се децата, а откако му кажав дека сé е во ред, ги затвори очите и заплака. Не можев да поверувам дека мојот Ристе знае да плаче, дека е способен за нешто да се кае. Во мислите ми дојдоа зборовите од сонот. Помислив дека ова мора да е Божји знак што треба без двоумење да го следам. Почувствував некоја топлина во срцето и… после многу години, искрено го прегрнав и бакнав мојот сопруг.

          Морам да кажам дека сите настани што потоа се случија, едноставно како да беа водени од диригентската палка на Севишниот. Откако сочекав сопругот да заспие, излегов во ходникот и судбината сакаше да се сретнам со дежурниот доктор, кој ме викна во канцеларијата, за да ми ја каже состојбата со децата и сопругот.

          – Благодарение на брзата и храбра постапка на вашиот сопруг, со децата се ќе биде во ред. Но, состојбата со Ристе ме загрижува. Пред малку ми кажаа дека се освестил и дека веќе оди кон подобро… се надевам дека брзо ќе закрепне, но кај него има нешто друго, што ме мачи и…

          – Знам, тој е пијаница, без да сакам ми излетаа зборовите.

          – Не е пијаница, туку е заболен од алкохолната болест, остро ми рече докторот. Јас токму за тоа сакав да поразговараме. Треба да знаеш дека тој е многу болен и дека тоа е тешка и сериозна болест. Можам да ви помогнам, но дали ќе има резултати, најмногу зависи од вас и вашиот сопруг. Сепак, мислам дека треба да се обидеме, особено што од пред неколку години болницата е побогата за еден извонреден доктор, специјалист по алкохологија, кој постигнува одлични резултати. Утре ќе разговараме со него. Докторот е добар човек и… убеден сум дека, ако воопшто постои надеж за спас, тогаш единствениот кој може да помогне е токму тој – заврши докторот.

%

One thought on “СПАСОТ Е НА ДОФАТ НА РАКАТА

  1. Животните случки се нешто кое нее случајност,сее од Него,заради Него и од Него.Славаму Нему на нашиот севишан Господ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *