СТРАВ ОД САМОКРИТИКА

%

Во реалноста, досегашните анализи на алкохолната болест откриваат разни причини од кои се гледа, дека е исклучително тешко да се пристапи, да се дојде во контакт со голем број алкохоличари, да не зборуваме за почеток на нивно лекување. И дали воопшто лекувањето на алкохолната болест кај овие луѓе, кои се возгордеани и лоши и без алкохол – дали лекувањето е возможно кај нив. Или, дали не е подобро, пред тешкотиите кои ги очекуваат, терапевтите и апстинентите од КЛА едноставно да ги дигнат рацете, да се оправдаат дека работата е надвор од нивната моќ.

Ако човекот го заболат очите и ослепи, сигурно нема да кажеме дека таквиот човек треба да биде казнет, дека не треба да го сакаме. Па зошто да не го сакаме и да го казниме човекот, кој е лишен од тоа што е помило од очите, лишен од најголемото богатство – способноста разумно да живее? Не треба да се лутиме на такви луѓе, треба само да ги жалиме тие несреќници и да се погрижиме нивните заблуди да не не лутат. Да се сетиме како и самите сме биле во заблуди и дека сме грешеле и затоа, подобро е да се лутиме на себе си, затоа што во нашата душа има лошотилок и омраза. Слободно може да се каже дека на човекот разумот му е даден за да може да ги спознае своите грешки. Откако со својот разум ќе ги спознае своите, човекот треба да престане да се лути на друг човек заради неговите грешки, туку стрпливо треба да се труди, со добро и разумно однесување, без гнев, нетрпеливост и надуеност, во него да ја пробуди неговата совест.

Откако дадов добри аргументи, од кои недвомислено се гледа дека алкохолизмот е болест, да се вратам на почетниот мотив за овој текст – огромната одбивност и негативното мислење кон апстинентите, што посетуваат Клуб на лекувани алкохоличари. Луѓето мораат да излезат од состојбата на тотално незнаење и безпомошност во кое моментално се наоѓаат, без двоумење да тргнат во правец за прифаќање на веќе докажаните методи, за успешно лекување на алкохолната болест.

Многу луѓе чуствуваат страв од самокритиката. Самокритиката е покана за менување на личноста. Штом себе си ќе си признаам дека некој дел од мојата личност е за критика, одговорен сум тоа и да го променам. Но, процесот на менување на личноста е болен, тоа е како смрт. Старата шема на личноста мора да се менува, за да се замени со нова. Болните алкохоличари патолошки се врзани за status qvo на својата жалосна положба, која ја сметаат за совршена и незаменлива.

Некои од моите пријатели ми замераат што воопшто пишувам за глупостите поврзани со алкохолот, посебно што за нив пишувам во толку негативна конотација. Еве што на таа тема ми вели еден мој добар пријател: “Живееме во многу диманично време, луѓето живеат од денес за утре, имаат толку многу проблеми, така што можеш да бидеш сигурен дека никој ниту чита, ниту го интересира тоа што ти го пишуваш. Единствено што можеш да успееш е мајка ми Верка, што има повеќе од 80 години, да ја убедиш да не стане пијаница. Зошто се отперетуваш со нешто што поминало, зошто грешките од минатото не ги замислиш како некоја валканица, која веќе си ја избришал и крај – немаш потреба да се потсетуваш на нешто срамно, што одамна завршило, што луѓето веќе го заборавиле.”

%

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *