УСЛОВ ЗА УСПЕШНО ЛЕКУВАЊЕ

%

За да има успех во лекувањето на алкохолната болест, човекот мора тоа да го сака, да го прифати лекувањето, барем на некое ниво. А за да сака да се лекува, тој мора претходно да признае дека тоа му е потребно. Со други зборови, човекот мора, барем на некое ниво, да признае дека има маани и слабости, дека не е совршен.

На светот постои огромен број на луѓе кои имаат сериозни проблеми со алкохолот, кои треба и мора што побрзо да побараат помош од стручни лица и да започнат со лекување, но за жал, заболените алкохоличари тоа не сакаат да го прифатат. И така, поголемиот број на луѓе никогаш не доаѓаат во ситуација да го прифатат лекувањето од алкохолната болест, дури и тогаш, кога помошта им ја нуди најдобриот Клуб на лекувани алкохоличари во нашата држава, дури и тогаш, кога помошта им ја нудат најдобрите терапевти на овие простори – буквално како на сребрен тањир.

Во таа категорија на оние, кои со најголема жестина одбиваат да го прифатат лекувањето од алкохолната болест, се наоѓаат токму оние, на кои лекувањето им е најпотребно и неопходно. На забелешките дека прават сериозна грешка, одбивајќи го лекувањето, реагираат жестоко и наместо да ги признаат своите недостатоци, одбиваат каква било критика, со што отворено даваат до знаење дека тие нивното го завршиле.

Обично најголем и најкорисен чекор кон излекувањето од алкохолната болест, претставува сопствената одлука, одлуката на алкохоличарот да побара помош, бидејќи самиот дошол до сознанието дека му е потребно лекување. Во таквите случаи болните алкохоличари себе си се идентификуваат како болни луѓе, одлучиле да се борат со алкохолното зло и за да успеат во тоа, бараат професионална помош од стручно лице. Треба посебно да се нагласи, дека треба да бидат спремни да прифатат да посетуваат и Клуб на лекувани алкохоличари. Во таквите случаи успехот е загарантиран.

%

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *