Strucni Mislenja

ЦЕЛТА НА ЗАПОЧНАТОТО ДЕЛО

Причината за многу несреќи лежи
на дното од винската чаша. Толстој

На 25-ти јануари 2005година, се навршија три години од почетокот на мојата борба со алкохолната болест, се навршија три години од моето враќање меѓу живите, од моето враќање во нормалниот свет, од враќањето на мирот, среќата и радоста во нашиот дом. Овој датум одлучив да го славам како свој втор роденден и затоа му придавам посебно значење, засекогаш да ме потсетува на нешто што не смеам да го заборавам, а тоа пред сé е мојата глупост и сé што одеше со неа. Упорно и тврдоглаво одбивам да ги послушам советите од моите роднини и пријатели, дека е подобро да го заборавам минатото, од едноставна причина што тоа би значело дека треба да се однесувам како моето зло, што им го нанесував на сите околу себе, особено на моите најблиски, како воопшто да не постоело. Спротивно, мислам дека не треба да дозволам сегашната радост и среќа да ги избришат мотивите и сеќавањата на поранешната несреќа.
Среќен сум што моите најблиски имаат сила да ми простат, да ме прифатат таков каков што сум, дека се убедени во мојата искреност во борбата со алкохолната болест. За нивната безрезервна поддршка од сé срце им благодарам и им ветувам дека ќе направам сé за во иднина барем малку да им надоместам, дека ќе направам сé да им ја сочувам среќата што денес ја имаат. Откако почнав да се лекувам од алкохолната болест и да го посетувам Клубот на лекувани алкохоличари, со своето семејство живеам во најголем мир, станав тивок, разумен, чесен, искрен и во својата работа вреден и исправен човек. Живеам скромно и бидејќи се грозам од лекоумноста и неумереноста од поранешниот живот, претпоставувам дека така е најдобро да живеам – повлечено и само меѓу најблиските. Ретко излегувам од дома, се дружам со малку луѓе, се грижам за својот дом и им угодувам на мојата сопруга и децата и – наоѓам најголема радост во тој начин на живот.
Сепак, најмногу ме боли сознанието дека требало да направам само еден мал потег за да ги направам среќни – да престанам да пијам. Овде треба да кажам дека тој мал потег што требаше многу одамна да го направам, не беше така едноставен и убеден сум дека моите најмили тоа многу добро го знаат. Навистина, патот до таа цел не беше долг, но сепак доволно долг безбројпати да ги променам моите мисли и намери, додека судбината не ме донесе во Клубот на лекувани алкохоличари „Здрав живот” во Прилеп. Затоа сум убеден дека моите најмили целосно ја имаат разбрано улогата на КЛА, посебно улогата на нашиот терапевт др.Методија Николоски – Мец во мојата борба со алкохолната болест.
Тешко е да се замисли каква среќна промена би настанала во животот на земјата кога луѓето би престанале да се опиваат и да се трујат со алкохол. Бидејќи тогаш секој човек ќе го убие животното во себе, на секој човек ќе му биде помила вистината од лагата, ќе му биде помила мудроста од глупоста, доброто од злото. Ние, членовите на Клубовите на лекувани алкохоличари знаеме дека не можеме да им помогнеме на сите оние кои ѓаволот ги фатил на својата јадица и ги внесол во алкохолниот пекол, особено што сме свесни дека голем дел од алкохоличарите не се спремни да се разбудат, да се мотивираат и да ја прифатат нашата искрена помош, но ќе бидеме среќни ако, на оние кои ќе одлучат да ни се придружат, нашето ново искуство и советите од нашите терапевти станат дел од нивното искуство во нивниот понатамошен живот. Сé додека се фалиме, сé додека со восхит се присетуваме кој од нашите блиски роднини и пријатели бил голем и поголем пијаница, а не колку заради тоа страдал тој, уште повеќе неговото семејство, дотогаш ќе го задржиме пеколот во нашата душа и нема ни за влакно да бидеме подобри.
Пишувањето на темата алкохолна болест во овој момент ме прави среќен, ми го враќа внатрешниот мир, го врати мирот во нашиот дом, бидејќи стана најважен дел од мојата терапија, стана мое најсилно оружје против оваа страшна болест. Како пеколот може да стане така природно и подносливо место за живеење – и не само подносливо, туку дури и пријатно, разбирливо им е само на оние кои тоа го искусиле, како што тоа го искусив и јас. Можеби јас не сум во состојба на било кого да му давам поучни совети, но го раскажувам својот живот, колку што умеам, точно како што работите мене ми изгледаат, иако тоа премногу заостанува зад драматичноста на оние впечатоци кои во минатото се врежаа во мојата душа. Понекогаш мислам дека тие впечатоци не можат да се прикажат со зборови, или ако би можело, дека јас не сум така добар мајстор над зборовите, да би умеел тоа да го изразам.
Поради мојата несигурност во почетокот ми беше многу тешко. Нашите умови се моќни инструменти. Кога ќе решиме дека нешто е надвор од нашата моќ, потоа е многу тешко да ја пробиеме бариерата што сами сме ја создале. Кога си реков себе си: „Тоа што го пишувам не е така добро и корисно,” мојата психа тогаш побара да го докаже мојот став. Наеднаш се потсетив на просечните писмени задачи од основно и средно училиште, или колку малодушно се чувствував кога на децата требаше да им помогнам со некој состав. Ја наполнив главата со ограничувања на умот од кои се уплашив, така што малку фалеше целосно да се откажам. Од многу голема помош секогаш ми беше претседателот на КЛА Пеце Стеваноски, кој и самиот активно пишува и има напишано многу убави и корисни текстови на темата алкохолизам. Неговите добронамерни укажувања многу ми помогнаа да го постигнам денешниот успех во мојата апстиненција, за што искрено сум му благодарен.
Во мојата фантазија вообразувам дека мојата искрена исповед на мојот живот и другите текстови ќе помогнат не само да нема алкохоличари, туку дека сите тие ќе го прифатат Клубот на лекувани алкохоличари како свое свето место. Вообразувам дека ќе помогнат секој човек да го победи алкохолот, најголемото зло за човекот, за да може да живее во радост, среќа и мир. Знам дека тоа се само желби, неостварливи желби.
Мојата исповед е таква каков што беше и мојот живот, иако можеби требаше да наведам повеќе примери од моите безбројни глупости, кои ги има од лоши, полоши, од големи, поголеми. Но, такви слики во секојдневниот живот луѓето гледаат на телевизија или читаат во весниците, можеби ги има и во некои домови од алкохоличарите.
Во текстовите најдов место и за повеќе мудрости кои се тесно поврзани со алкохолот и животот на алкохоличарот и неговата околина, кои попластично ги отсликуваат моите чувства, попластично го прикажуваат алкохолниот пекол и уништувачката моќ на алкохолот над човекот. Со тоа сметам дека текстовите се покорисни, поинтересни, дека ќе ја добијат потребната тежина.
Не е најважно дали текстовите ќе Ви се допаднат или не. Многу поважно е текстовите да ја погодат целта, да ја разбудат совеста кај многу луѓе, не само кај алкохоличарите. Исто така, важно е да ги заинтересираат алкохоличарите да седат, со внимание да читаат или слушаат и подобро да се замислат за својата сегашност и иднина. А потоа нивната совест ќе има избор при изборот на нивната судбина и судбината на нивните најблиски. Искрено се надевам дека барем кај некого неговата совест ќе направи правилен избор, ќе го избере најдоброто, а тоа е посета на Клуб на лекувани алкохоличари.
Моите текстови посебно им ги препорачувам на оние кои знаат како треба да ги читаат и добро да се користат со нив, како што моето животно искуство непрекинато им препорачува. Се надевам дека на читателите многу повеќе ќе им се допадне поуката, отколку самиот текст како приказна, дека повеќе ќе им се допадне мојата искрена намера да им помагам на луѓето, отколку мојот животен пат. При раскажувањето, се трудев на случувањата да им дадам пријатна форма, која природно го поучува читателот, на овој или на оној начин.
Од текстовите што ги читате или слушате, знам дека никој од Вас нема да биде задоволен во целост, вклучувајќи ме и мене. Сепак се надевам дека тоа што го напишав ќе внесе малку повеќе светлина на проблемите со алкохолната болест и патот за што поуспешна борба со неа.
Повторувам, многу сум среќен и радосен, а мојата среќа ќе биде уште поголема ако успеам со моите текстови да им помогнам на луѓето што полесно да ја победат алкохолната болест. Се надевам дека моето пишување ќе придонесе што повеќе луѓе да се приклучат и да помогнат во ширењето на вистината за алкохолот и алкохолната болест, за вистинското значење на Клубот на лекувани алкохоличари во успешното лекување од оваа најстрашна болест за целото човештво.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Back To Top