Razno

СРЕЌА-НЕСРЕЌА НА АЛКОХОЛИЧАРИТЕ

Посебна приказна во пронаоѓањето на среќата во оваа џунгла, наречена свет, се алкохоличарите. Луѓето ги дефинираат алкохоличарите како пропаднати личности, како лоши луѓе кои не заслужуваат никаква помош и внимание. Мислат дека секој алкохоличар самиот е виновен за состојбата во која се наоѓа и никој не помислува: дали има и колкава е неговата вина?
За да се дојде до одговорот, треба да се нагласи дека ниту еден човек не се родил како алкохоличар, или дека одненадеж тоа станал. Најчесто или речиси секогаш, најголеми причини за тоа се незнаењето и заблудите.
Незнаењето е демонска сила и убеден сум дека тоа е една од најголемите причини за многу несреќи на луѓето. Кога станува збор за алкохолот, оваа причина е уште поизразита, бидејќи алкохолот ја има таа страшна особина работите да ги прикаже такви какви што не се, или многу поубави отколку што се. Заради тоа алкохоличарот запаѓа во најголемото незнаење: не знае за своите грешки. Само во моментите на грижата на совеста, заради некоја поголема грешка, си ветува себе си дека повеќе нема да пие, дека од утре ќе биде подобар. Но, во такво мизерно расположение секогаш има утре, тоа ветување трае кратко, до испивањето на првата чашка со алкохол, а потоа се одново. За да ја смири својата совест, алкохоличарот почнува да ги обвинува сите други, само не себе си.
Сепак, најголема причина за несреќите се заблудите, со кои алкохоличарот и членовите на неговото семејство, секојдневно живеат. Најголема заблуда на алкохоличарите, дури и на оние кои длабоко навлегле во алкохолната болест и на кои очигледно им е загрозено здравјето, па дури и животот, е што упорно одбиваат да признаат дека се болни и дека им е потребна помош. Впрочем, верувањето во својата безгрешност, одбивањето да се прифати вистината за состојбата во која се наоѓа алкохоличарот, е дел од неговата болест.
Несреќите на членовите од семејството на алкохоличарот исто така се предизвикани од незнаење и заблуди. Во почетокот, кога човек е млад и го поднесува алкохолот, домашните се среќни што тој секогаш е весел и насмеан, посебно е среќна сопругата што тој ја води во друштво каде и таа се забавува, а тоа што се напил малку повеќе и не е голема работа: тогаш е весел, насмеан, распеан и многу подарежлив, отколку обично. И, ете го првото незнаење и заблуда: таа мисли дека така секогаш ќе остане. По извесно време, обично по неколку години, кај алкохоличарот ќе почнат да се појавуваат првите знаци на алкохолната болест: тој ќе почне се почесто и почесто да се опива, ќе почне да ги покажува првите знаци на нетрпеливост и нервоза, ќе почне да покажува знаци на болна љубомора. Тоа сеуште е подносливо и ете ја втората заблуда: надежта дека и тоа за брзо време, само од себе ќе мине. Како времето минува, односите во домот се повеќе се нарушуваат, а членовите на семејството веќе стануваат свесни за состојбата во која алкохоличарот се наоѓа, свесни дека човекот веќе длабоко навлегол во алкохолниот пекол, дека со право сите го нарекуваат со она одвратно име – пијаница. И тогаш кај нив се појавува незнаењето, кое во многу случаи се покажува како кобно: во почетокот се обидуваат да му помогнат и, бидејќи не успеваат во тоа, се повеќе се убедени дека за алкохоличарот нема спас, дека веќе никој и со ништо не може да помогне и затоа креваат раце од него, го оставаат сам на себе.
Почитувани пријатели, сите вие кои собравте храброст и мудрост и ми се обративте за помош после емисијата на Канал5 ТВ, би било интересно и корисно, да размислите и да се запрашате: Дали, ако многу порано знаевте дека за вас или за вашите најмили има спас од алкохолното зло, дали многу порано ќе побаравте помош?
Речиси сите луѓе што ги познавам се склони многу повеќе да веруваат во лагата, што од сите страни, украсена со најблескава пропаганда што преку медиумите им се нуди, отколку да веруваат и да ја прифатат вистината. Таа непобитна вистина за последиците од алкохолната болест, што за жал, многу луѓе на своја кожа ја имаат почувствувано, без размислување ја отфрлаат и неа ја прогласуваат за лага. Јас тоа денес добро го знам, бидејќи и самиот триесет години живеев со тие страшни заблуди, и затоа се чудам како луѓето не можат тоа да го прифатат, едноставно: зошто некои луѓе треба да го испијат целото море, за да дојдат до заклучокот дека водата е солена?
Од друга страна, можеби низ тој долг период ме водеше Божјата промисла: можеби Бог дозволи толку долго да се измачувам во алкохолниот пекол, за вистински да ја осознаам силата на животинскиот човек што живееше во мене. Веројатно, да не го проживеев тој период, не ќе знаев како да му се спротивставам на животното, кога алкохолот ќе го разбудеше во мене, а мојата душа во тие моменти не ќе можеше и не ќе знаеше како да му се спротивстави и, животинскиот човек можеби засекогаш ќе господареше со мене и моите доблести. Затоа, често си го поставувам прашањето: дали е несреќа кога од лажната среќа полудував, или, спротивно, е голема среќа што несреќата ме опамети и ми ги врати сите доблести, за кои мислев дека засекогаш ги имам загубено.
Почитувани, секој човек среќата треба да ја бара во самиот себе, бидејќи таа таму и се наоѓа. Не барајте ја од другите, бидејќи никој ја нема отфазла за ви ја даде. Сепак, постојат добри луѓе, постојат луѓе кои во секое време се спремни да помогнат, кои како Ангели се испратени од Бога… не да ви дадат среќа, се согласивме дека тоа е невозможно, туку… да ви го покажат патот кон среќата. Секое дело на нивната доблест е слично на ѕвезда која се гаси; нејзината светлост сеуште е на патот од својот ѕвезден простор и – кога таа ќе го заврши својот пат? Така и светлоста на нивните дела и доблести сеуште е на тој пат, дури и кога делото целосно ќе биде исполнето. Па, нека еден ден делото биде заборавено и мртво, неговата светлост засекогаш ќе сјае. Нивните активности се насочени кон општо добро и среќа за сите луѓе, а тежнеењето да се служи на општото добро треба што повеќе да го разгласуваме, бидејќи тоа мора што побрзо да стане општествена потреба и услов… за лична среќа на сите луѓе!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Back To Top