Razno

НАДЕЖТА – ТЕМЕЛ ЗА ПОСТИГНУВАЊЕ НА УСПЕХОТ

За апстинентот да постигне вистински успех во борбата со алкохолната болест, потребно е пред себе и пред другите, да си постави јасно определена цел, за чие остварување ќе биде спремен сė да направи. Шансите да се постигне успехот ќе бидат неспоредливо поголеми, ако апстинентот навистина има искрена желба пред себе и пред другите, да докаже дека е спремен да го измени своето однесување, да го измени во позитивна насока својот поглед кон алкохолот и кон животот воопшто, со други зборови, да докаже дека е спремен да го измени својот карактер.
Секоја намера, секој сон почнува со надеж дека може да се оствари. Надежта е основата за постигнување на успехот. Таа преминува во вера во помошта од Бога и поголема самодоверба во своите способности. Верата потоа се трансформира во решителност, а решителноста во акција, која го поттикнува човекот на преземање на конкретни чекори, за постигнување на успехот. Надежта се раѓа во нашите мечти, извира од нашите соништа за подобар живот, за подобро утре, добива сила од нашата цврста одлука за успех, по секоја цена. На надежта се темели главната животна цел, а нашите активности придонесуваат да се претвори во конкретни дела.
Речиси секоја приказна за успехот, која има среќен крај, почнува со зборовите: “Еден човек се надеваше дека ќе успее…” И приказната за успехот во борбата со алкохолната болест, на кој било апстинент, кој решил да излезе од алкохолниот пекол, има ист почеток: “Имаше еден апстинент кој се надеваше дека во Клубот на лекувани алкохоличари ќе го најде јажето на спасот, што Бог му го пушти за да го извлече од алкохолниот пекол и…” Врз основа на својата надеж и искрената доверба во терапевтите и постарите членови на клубот, треба да ја определиме нашата крајна цел – да ја добиеме битката со нашиот најголем непријател – алкохолот. Таа цел треба да биде нашата ѕвезда што ќе не води кон нашиот успех. Треба да се исполниме со вера дека ништо не е невозможно. Повторувам, ништо не е невозможно, ако апстинентот има искрена желба да се извлече од пеколот. И тогаш треба да ја вложиме целата енергија и храбро да тргнеме кон извршување на поставената задача. Кога нашите мисли ќе бидат насочени 24 часа дневно кон ѕвездата што не води – кон нашите терапевти и членовите од клубот, кои се спремни да ни помогнат во секое време, многу полесно ќе го пронајдеме патот до целта. Многу полесно ќе препознаеме што може да ни го забрза патувањето кон успехот, а што го успорува и не враќа назад во пеколот. Ако не гледаме во ѕвездата, пред да стигнеме до целта, лесно може да се случи да тргнеме во погрешна насока и повторно да зачекориме по трнливиот пат во пеколниот алкохолен лавиринт.
Се разбира, бидејќи лекувањето од алкохолната болест е комплексно, во кое треба да учествуваат повеќе чинители: алкохоличарот со својата цврста волја да го победи алкохолот, здравствените установи (психијатрите во нервните одделенија), членовите на семејството на алкохоличарот и, како најважен, треба да биде вклучен Клуб на лекувани алкохоличари – значи, сите тие треба добро да го одработат својот дел и, надежта на алкохоличарот за постигнување на успех, во неговата борба со својот најголем непријател – алкохолот, ќе се претвори во прекрасна стварност.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Back To Top