Razno

ПОТРЕБНО Е ГОЛЕМО ТРПЕНИЕ ПРИ РЕШАВАЊЕТО НА ПРОБЛЕМИТЕ

Сите ние треба да имаме големо трпение, бидејќи често се случува, заради нашата нетрпеливост нештата да ги измениме веднаш во наша полза, резултатите да изостанат или… да не го дадат очекуваниот ефект. Трпението е должност, трпението е вистина, трпението е врвна мудрост на големите луѓе. Трпението бара посебен вид на храброст. Тоа е храброст на постојано воздржување и толеранција кои произлегуваат од нашата целосна посветеност на нашиот идеал – постојана борба со злото. Трпението е храброст да се измени она што може да се измени, подготвеност да се прифати она што не може да се измени и мудрост помеѓу нив да се направи разлика. И затоа, колку повеќе сме обземени со мислата за постигнување на нашата животна цел – победа над алкохолното зло, толку повеќе треба да имаме трпение во совладувањето на пречките кои ќе ни застанат на патот. Ако знаеме кон што тежнееме во животот, ако ја знаеме нашата вистинска животна цел, ќе имаме поголемо трпение во надминувањето на ситните непријатности, кои постојано ќе ни го попречуваат патот кон нашата победа. Ако проблемите ги разбереме на вистински начин и им пријдеме позитивно, ќе откриеме дека ќе ги снема веднаш штом ќе се соочиме со нив, ќе исчезнат многу побрзо отколку нашата решителност да се справиме со нив.
Но, како можеме да ги развиеме трпението и толеранцијата? Многу лесно. Треба да одредиме јасна животна цел, да донесеме цврста одлука за победа над алкохолното зло, во длабината на срцето да ги прифатиме и во пракса да ги применуваме правилата и советите добиени од терапевтите во Клубот на лекувани алкохоличари и во целост да се сконцентрираме, сé додека не почувствуваме дека сме преплавени од горливата желба да ја постигнеме таа цел. И секоја мисла, дело или молитва, треба да ја насочиме кон нашата цел – победа над алкохолот.
Во мојот роман “Како да се победи Кралот Алкохол”, покрај верата, љубовта и надежта, ќе го сретнете и трпението како една од најважните доблести во човековиот карактер, доблест која ќе му помогне на главниот лик во решавањето на својот најголем проблем – напуштањето на животинското во себе, предизвикано од алкохолот, и повторно враќање во светот на луѓето.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Back To Top