Добивам се повеќе коментари како приватни пораки, многу убави коментари кои ме подигаат во сопствените очи и ме инспирираат на уште поголема активност. Поголемиот дел од оценките се позитивни и идентични со моите ставови за борбата со последиците од алкохолот. Сепак, има и коментари каде нашите ставови за борбата со алкохолната болест, активностите што јас ги предлагам во оваа борба со најголемиот непријател на целото човештво, целосно се разликуваат. Овој напис им го посветувам ним, за да ги преиспитаат своите ставови, за да дојдат до единствената, непобитна вистина што јас цело време ја застапувам: нема успех во борбата со алкохолната болест ако човек не вложи максимален труд, ако не се вложи себе си, нема успех без исполнување на основните човекови вредности – искреноста и добрината, љубовта и човекољубието, толеранцијата и трпението…
Најголема забелешка на моите текстови е што повеќето луѓе сметаат, дека во нив внесувам премногу утопија, односно, предлагам идеи кои не можат да се спроведат во дело и дека, по нивно убедување, алкохолот е длабоко навлезен во сите пори во животот на луѓето и е составен дел од нивното живеење.
Жалам што стекнале таков впечаток. Признавам дека јас воопшто не се трудам да направам јасна разлика помеѓу луѓето, кои умерено и повремено пијат мали количини алкохол за задоволство, од луѓето кои завлегле или… веќе се наоѓаат во алкохолниот пекол.
Но, зарем навистина ќе биде покорисно ако ги занемарам страшните последици од алкохолот и моите принципи за борба со него да почнам да ги прикривам, не дај Боже да почнам да ги украсувам, само затоа што мнозинството смета дека алкохолот е важен, составен дел од секојдневието и, луѓето нема да прифатат… да се изменат! Таквите претпоставки и препораки, од кого и да доаѓаат, дека луѓето нема да престанат да живеат со штетните глупости кои се предизвикани од алкохолот и, дека никогаш нема да ја прифатат благодадта на разумот, што јас непрекинато им советувам – тоа претскажување никако не можам и… не сакам да го прифатам. Никако не можам да се согласам со тие изопачени ставови кои го оправдуваат постоењето на алкохолот, кои се во спротивност со самата човекова природа, со сé што е разумно во моралните човекови потреби. Едноставно, не можам и не сакам да ја прифатам изопачената теза, дека ваквата состојба мора да остане до век и веков. Кога, не дај Боже, би се уверил дека тоа навистина е така, дека моите ставови за борба со алкохолот и алкохолната болест се само гола утопија, веднаш би престанал со моите активности, би посакал што побрзо да заврши мојот живот, бидејќи… борбата со алкохолното зло е смислата на мојот живот, кој се состои во помагање на луѓето, а со тоа и менување на нивните погрешни навики и однесувања. Без тоа не ќе можам да живеам. Во границата на моите можности се трудам вистината за алкохолната болест да ја изразам јасно и јавно, за сите да можат да видат дека сепак има луѓе, кои ги гледаат вистинските последици од алкохолното зло и, кои сакаат да се борат со него, луѓе кои се обидуваат да ги мотивираат послабите по дух, за и тие да се вклучат во најголемата армија на светот.
Жал ми е и многу тешко што не умеам да го искажам со многу посилни зборови тоа што е толку јасно, а на луѓето кои секојдневно ги трпат последиците од алкохолното зло им е толку потребно, зборови кои конечно ќе ги натераат разумните луѓе да ги насочат своите мисли кон помагање на алкохоличарите и ослободување од алкохолот воопшто. Тоа чувство на немоќ што е во мене, слично е на чувството на нем човек кој не може да го каже тоа што го знае, тоа што е толку потребно и спасоносно да го знаат оние… на кои би сакал да им каже. Ова силно чувство на тага што ме преокупира секако не е добро, но јас сакам да го искажам за да знаете: какви се моите ставови и размислувања?
За мојата еуфорија и, како пријателите ми велат, заслепеност, најмногу придонесува грижата за младите луѓе, на кои секојдневно им се испраќаат погрешни, лажни пораки дека алкохолот е корисен за луѓето, пораки кои им го трасираат патот кон алкохолниот пекол. Сите ние беспомошно гледаме како секојдневно се отвораат нови кафулиња и разни фестивали на виното, пивото, ракијата, сé со цел алкохолот да биде што подостапен до младите луѓе, или народски кажано, секојдневно се отвораат нови фабрики за производство на нови алкохоличари. Со тоа младите луѓе се ставаат на тешки искушенија, бидејќи алкохолот е насекаде присутен и лесно достапен, бидејќи се наоѓа на секој агол од секоја улица. Во последно време луѓето, кои најмногу заработуваат на несреќата од алкохоличарите, пласираат страшна лага, притоа вложувајќи огромни напори на разни начини да докажат дека, да речеме, пивото или виното не припаѓаат во групата штетни алкохоли. За мене пак, алкохолот е алкохол и затоа во сета таа одвратна лага гледам само гадост, гледам најголемо зло и, не сакам да размислувам каде го има повеќе, а каде помалку! Во моето однесување ги прифаќам само законите на совеста и моралот, кои никого не обврзуваат, но кои водат напред и ветуваат хармонија во иднината на човештвото.
Потполно сум свесен дека во овој момент, моите размислувања и идеи наликуваат на неостварлив сон. Сепак, бидејќи надежта последна умира, нека ми биде дозволено да го задржам правото да се надевам, особено што моето искуство ме научи дека еден ден, еден далечен ден алкохолот ќе исчезне од животот на луѓето. Друга алтернатива нема, бидејќи ако не биде така, ќе биде ставен под знак прашање… опстанокот на човештвото!
ДАЛИ МОИТЕ АКТИВНОСТИ СЕ СВЕДУВААТ САМО НА ГОЛА УТОПИЈА???
by
Tags:
Leave a Reply