ДЕНЕС ВОСКРЕСНАВ ОД МРТВИТЕ И, ОВОЈ ДЕН ГО СЛАВАМ КАКО МОЈОТ ВТОР РОДЕНДЕН… ПОБЕДАТА НАД НАЈГОЛЕМИОТ НЕПРИЈАТЕЛ – АЛКОХОЛОТ

Почитувани, драги пријатели,
За мене денес е посебен ден – мојот втор роденден! На денешен ден пред 22 години целосно се разбудив од заблудата, повторно се родив, воскреснав од мртвите! Триесетина години бев пијаница и… во душата носев мисла дека сум многу добар, подобар и попаметен од сите други, дека живеам убав живот во кој што уживам и… нема потреба ништо да менувам! Денес добро знам дека тие идиотски мисли ми беа испратени од самиот ѓавол, кој цврсто ме држеше за раката и секогаш наоѓаше начин да ме внесе во куќата на злото – во кафеаната! Речиси никогаш сериозно не размислував за болката што им ја нанесував на сите околу мене, особено на моите најмили! И, кога сите беа убедени дека за мене нема спас, сепак… Милостивиот Бог ми го пушти јажето на спасот и… ме извлече од дното на алкохолниот пекол! Една ноќ во полусон се видов себе си како стојам пред огледалото и… прашувам: “Што ти згрешив Господе, па дозволи толку долго да се измачувам во алкохолниот пекол?” Ликот од огледалото ми одговори: “Престани да се лажеш себе си! Бог ти даде слободна волја самиот да одлучиш: дали ќе го прифатиш доброто или злото! За жал ти го отфрли Бога и… тргна по ѓаволот! Запрашај се: со што заслужив толкава милост, после сите грешки и гревови што ги направив? Разбуди се идиоте, ова ти е последна шанса! Секој ден буди се со мислата: денес ќе настојувам да бидам добар, да направам што повеќе хумани дела… лош и будала можам да бидам утре! Другиот ден повтори го истото!”
Овие мисли непрекинато ми се вртеа во главата, додека не ја сфатив нивната вистинска порака! Да, ова е Божја Промисла… Милостивиот Бог ми дава шанса со која ќе ги откупам моите гревови… и пред луѓето… и пред Бога! Од тој ден дојдов до едноставно сознание: алкохолот не само за мене, туку е најголем напријател за сите луѓе, за целото човештво! И, не само што 22 години немам помислено да се вратам во канџите на ѓаволот, туку одлучив, животот што ми преостанува да им го посветам на сите оние, кои од разни причини тргнале или… веќе се наоѓаат во алкохолниот пекол! Напишав три книги за оваа проблематика и, упатувам апел: секој човек, кој што има какви било проблеми предизвикани од алкохолот – за себе или за член од семејството, како и секој оној, кој сака да им помага на луѓето околу себе да ги надминат последиците предизвикани од алкохолот, нека ги прочита моите книги. За сите прашалници во врска со последиците од алкохолот, кои се во вашата глава одговори ќе најдете во овие книги и секако… можете да сметате на мојата помош!
Почитувани пријатели: секоја година овој ден званично го славам како втор роденден, со торта, свеќи, гости! Знам дека со мојата упорност на многумина ви здосадив, но простете ми барем на овој ден! Најискрено, од срце ви благодарам на трпението…


Posted

in

by

Tags:

Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *