ЕДНИОТПАТ – ВЕЛАМ… ДРУГИОТПАТ – ТЕПАМ


Мојот татко е посебна приказна во мојот живот. Можеби тешкотиите и лошото искуство што го имал во животот, придонеле да биде многу нервозен, но беше и лош човек, страшен кога казнува, страшен и кога наградува, па поради тоа многу се плашев од него. Неговиот збор не само што секогаш беше последен, туку беше закон за сите без исклучок – за сите важеше правилото: едниот пат велам, другиот пат тепам. Не беше алкохоличар, беше чесен човек со скромни потреби.
Се сеќавам, кога бев мал, во едно од новогодишните колетчиња имаше детски карти за играње, полни со многу убави слики. Многу се израдувавме на поклонот и со нестрпливост дочекавме колетот да се отвори. Но, уште на почетокот со постарата сестра се скаравме, бидејќи и таа сакаше да игра со картите. Бидејќи не попуштавме во нашата намера, татко ми во тој момент, за да ја смири состојбата, го избра за нас најнеочекуваното и најболното решение. Со голема лутина и нервоза скокна од креветот, ги грабна картите и ги фрли во огнот од шпоретот. Во собата наеднаш завладеа целосна тишина, а ние стуткани во ќошот, со солзи во очите се каевме што ете, бевме толку лоши со што предизвикавме толку силен бес кај нашиот татко. Веројатно се плашевме и нас да не не фрли во огнот и затоа никој ништо не приговараше. Од тој ден стравот од татко ми сé повеќе растеше во моето срце, но истовремено сé повеќе растеше и мојата омраза кон него.
Имаше многу моменти во кои покажуваше непотребна, честопати премногу ризична самодоверба која, така да кажам, се граничеше со глупост, имаше многу важни моменти во кои донесуваше брзи, непромислени, честопати погрешни и крајно ризични одлуки. Едно попладне децата од соседството во нивите засадени со тутун пронашле неексплодирана бомба-граната и, ја донесоја кај татко ми. Во тие моменти татко ми се однесуваше како да е многу голем експерт, кој отвора едноставен затворач од винско шише! Зеде еден остар нож и полека, со сигурност на човек кој таа работа ја прави стотинапати на ден, ја извади главата од бомбата, додека сите деца бевме наредени околу него и, гледавме со восхит и големо внимание. Тоа беше една од ретките прилики, кога во татко ми гледав како на свој херој, но во исто време од некој непознат страв, моето срце силно трепереше. Не знам што тогаш мислеше, ако воопшто нешто мислеше, но татко ми мораше да биде свесен за последиците кои можеа да бидат катастрофални од неговиот… крајно неразумен чин!
Кога наредниот ден едно од децата што беа присутни на настанот, веројатно со намера пред нашата учителка да го прикаже мојот татко како голем херој, го раскажа случајот со многу голема восхитеност и драматичност, се доби сосема спротивен ефект, така што за малку од лутина и изненаденост учителката ќе паднеше во несвест. „Па зошто не го спречивте, зошто дозволивте да си игра со вашите животи” – гневно викаше таа. Но, веќе беше касно за сé. Делото од кое на човек му се крева косата на главата, му застанува крвта во жилите од самата помисла и го фаќа ужас од можните, катастрофални последици, веќе беше направено.


Posted

in

by

Tags:

Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *