КАЕЊЕ

Триесет години бев роб на ѓаволот, триесет години се измачував во алкохолниот пекол, но денес знам дека десетпати повеќе ги измачував моите најмили – сопругата и децата. Наместо да ги согледам моите грешки и да почнам да ги поправам, вината за мојата несреќна состојба ја барав во сите други, особено во оние пред кои бев виновен. Со текот на времето во домот завладеа пекол. На оние, кои по сите природни закони требаше најмногу да ги сакам, сопругата и децата, им ги скратив среќата и радоста, им ја украдов слободата. Знаете, глупоста е најнеобична од сите болести, бидејќи болниот не страда од неа, туку сите околу него. Комотно патував по патеката што води кон дното на пеколот и, за жал, низ тој пекол, заедно со мене, патуваа и моите најмили. Веројатно од страв да не биде уште полошо, бидејќи бев многу незгоден, честопати и многу агресивен, тие ги поднесуваа сите мои удари, глупости и пропусти во животот. Со еден збор, ниту јас живеев, ниту нив ги оставав мирно и среќно да живеат. Навистина, во домот владееше привиден мир, но тоа беше исклучиво поради мојата диктатура. Од друга страна, толку бев заслепен од мојата глупост, така што бев убеден дека сум многу добар кон моите најмили и затоа толку ме сакаат, бидејќи на таква добрина, тие поинаку и не можат да возвратат. Во ниту еден момент не помислив дека се добри токму тие, кои ме сакаат.
Во тој најнесреќен период од мојот живот, имаше многу моменти кога вистински се каев за грешките, направени во изминатите денови и неколку дена не пиев. Но, поттикнат од желбата за пиење, охрабруван од моите другари по алкохолот, каењето во мојата совест бледнееше и по кратко време целосно заборавав на него. Лукавиот ѓавол секогаш успеваше да ме фати на својата јадица и да ме внесе во кафеаната.
Најмногу за ваквата бедна состојба, придонесуваше мојата возгордеаност. Цело време во главата носев мисла дека не сум алкохоличар, дека со алкохолот можам да престанам кога што ќе посакам, дека сум подобар и попаметен од сите други и, дека треба да продолжам да живеам токму така, како што живеев. Кога ќе направев некоја глупост, а морам да кажам дека имаше безброј такви моменти, чувствував голем срам и каење и неколку дена не пиев, но за кратко повторно паѓав на искушението. Тогаш бев преокупиран со мислата, да ги задоволам моите страсти кон алкохолот само денес, само уште овој ден, а од утре посекако ќе престанам да пијам и да се опивам. За жал, во такво мизерно расположение секогаш имаше утре, секој ден бев се поодлучен да истраам во злото, пронаоѓав безброј причини да истраам во глупоста. Секој човек може да забележи дека еднаш направената грешка, потикнати од пеколната страст кон алкохолот секогаш ја повторуваме, бидејќи секое жалење и каење го снемува, штом алкохолот ќе не зароби. Ова посебно го напоменувам, бидејќи мислам дека е добро секој човек да види, како со текот на времето, под влијание на лошото друштво, на крајот ќе се привикни на алкохолот и кафеаните. Тие места во почетокот ќе го исполнуваат со одвратност, но потоа ќе стане радосен и среќен во својата несреќа, каков што бил пред да завлезе во алкохолниот пекол.
Грижата на совеста, предизвикана од каењето за промашениот живот кај алкохоличарите, посебно е обработена во моите книги “Исповед на еден алкохоличар” … “Како да се победи кралот алкохол” и… “Победете го алкохолот – Пронајдете ја среќата.” Прочитајте ги овие книги и ќе го пронајдете патот што води кон излез од пеколот, кон вашата среќна иднина.


Posted

in

by

Tags:

Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *