НА КРАЈОТ СЕ ЗАМРАЗИВ САМИОТ СЕБЕ


Мојот татко сигурно беше многу несреќен човек, но тоа не му даваше право да ги прави несреќни и безмилосно да ги казнува своите најблиски. Поради неговото однесување уште како дете го замразив и секогаш настојував да бидам што подалеку од него. Работеше како стражар и бев среќен кога не е дома, кога е на работа, посебно бев среќен кога во лето ќе ме пратеше да поседам кај чичко ми во Македонски Брод заради прекрасната хармонија што ја имаше во нивниот дом. Чичко ми Цане, постариот брат на татко ми, работеше како бербер и за да ги прехрани шесте деца, во дуќанот работеше од утро до мрак. Од неговата насмевка зрачеше некоја чудна сила, зрачеше позитивна енергија што ги привлекуваше луѓето, така што сите го поздравуваа со посебен респект. Сепак, кога касно навечер ќе ги миеше нозете со ладна вода, од жилите на нозете што беа набрекнати како ортоми, можеше да се види дека цел ден е на нога, така што, иако тој никогаш не се жалеше, лесно можеше да се види дека работата му е многу тешка. Тој и стрина ми Летка, покрај мајка ми, беа едни од ретките, ако не и единствените луѓе на кои вистински им се восхитував и кои вистински ги сакав. Во нивниот дом секогаш беше тивко, иако куќата секогаш беше полна со деца, владееше прекрасна атмосфера на среќа, радост и мир. Затоа, кога после прекрасно поминатите денови се враќав дома, секогаш имав чувство дека го напуштам рајот и се враќам во пеколот.
На сите деца родителите им изгледаат како Богови, тие навистина веруваат дека нивните родителите сé работат како што треба. Децата не се способни да даваат објективна проценка за однесувањето на своите родители. Ако лошо постапуваат со детето, во поголем број случаи тоа ќе заклучи, дека тоа е така затоа што детето не е добро. Ако кон него се однесуваат како да е грдо, глупаво, неспособно – тоа ќе израсне мислејќи дека навистина е такво. Децата воспитани без љубов со време почнуваат да веруваат дека е невозможно тие да бидат сакани, дека не заслужуваат љубов и внимание. Еве еден воопштен закон за развојот на детето: секогаш кога во родителската љубов постои сериозен недостаток, во најголем број случаи детето ќе заклучи дека тоа е виновно за таквата состојба и заради тоа ќе развие нереално негативна слика за себе.
Бев оставен на мојата судбина, бев оставен сам да се снаоѓам во џунглата на животот. Секое дете во својот татко сака да има свој херој, да најде пример за восхит и имитирање и да може толку совршено да го имитира што никогаш да не се срами ни детето, ни таткото. За секое дете таткото треба да биде покорисен од стотина учители. А јас, јас се срамев од постапките на татко ми, а кога најмногу ми требаше тој не беше покрај мене, веројатно не сакаше или пак не знаеше правилно да ме воспитува и насочува, да укажува на моите грешки, да ми помогне да го правам тоа што можам и што морам да го правам. Јас постапував така како што е тоа својствено за дете, особено ако се земе во предвид средината во која живеев. Соочена со злото и возрасна личност, макар колку и да е суверена, ќе се чувствува збунета. Верувам дека ви е потполно јасно како се чувствував јас како дете, кога злото секојдневно го среќавав кај човекот кој требаше најмногу да го сакам и од кој бев целосно зависен. Ако кон тоа додадеме дека татко ми својата злоба и своите недостатоци, одбивајќи да ги согледа и признае, всушност сакаше да ги наметне над своите најблиски, ќе биде потполно јасно зошто јас погрешно ја толкував целата таа состојба и на крајот се замразив самиот себе.


Posted

in

by

Tags:

Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *