ОПШТО ПРИФАТЕНИ ПРАВИЛА ЗА ОДРЖУВАЊЕ ЦВРСТА АПСТИНЕНЦИЈА

Цени го човекот кој ти укажува на твоите грешки, како да ти открил скриено богатство – цени го мудрецот кој ти ги покажува животните опасности. Дамапада
За остварување на поставените задачи, апстинентите во Клубот на лекувани алкохоличари (КЛА) делуваат следејќи ги правилата за работа, кои се прифатени во сите клубови. Со тоа се осигурува полесна соработка помеѓу клубовите. Во својата борба со алкохолната болест, секој апстинент треба да ги почитува универзалните правила кои се применуваат во сите КЛА, но и правилата и навиките што може да се применуваат во клубот, во кој членува.

  • СТРОГО ОДБЕГНУВАЈТЕ ГИ КАФЕАНИТЕ И СТАРОТО ДРУШТВО
  • НЕ ЧУВАЈТЕ АЛКОХОЛ ВО ВАШИТЕ ДОМОВИ
  • СЕКОЈДНЕВНО ЗЕМАЈТЕ ЕСПЕРАЛ – НАЈМАЛКУ ЕДНА ГОДИНА
  • СЕКОЈ ДЕН ПОМИНАТ БЕЗ АЛКОХОЛ Е КАПИТАЛ
  • ВО ТЕКОТ НА ЛЕКУВАЊЕТО ПОМАГАЈТЕ ИМ НА ДРУГИТЕ, ОСОБЕНО АКО СЕ ВО КРИЗА
  • ОТВОРЕНО ЗБОРУВАЈТЕ ЗА СЕБЕ КАКО ЗА АЛКОХОЛИЧАР И ЗАПОЗНАЈТЕ ЈА ОКОЛИНАТА ЗА ЛЕКУВАЊЕТО
  • АКО ИМАТЕ КРИЗА, ЈАВЕТЕ СЕ ВЕДНАШ ВО КЛУБ НА ЛЕКУВАНИ АЛКОХОЛИЧАРИ, БИДЕЈЌИ ТАА Е ПРОПРАТНА ПОЈАВА ПРИ АПСТИНЕНЦИЈАТА
  • АКО ДОЈДЕ ДО РЕЦИДИВ, ЈАВЕТЕ СЕ, ШТО Е МОЖНО ПОСКОРО НА ТЕРАПЕВТОТ ИЛИ ВО СВОЈОТ КЛУБ НА ЛЕКУВАНИ АЛКОХОЛИЧАРИ
  • БЕЗ КЛУБ НА ЛЕКУВАНИ АЛКОХОЛИЧАРИ НЕМА АПСТИНЕНЦИЈА Секое од овие правила во себе носи јасна порака и упатство, за апстинентот полесно да излезе од алкохолниот пекол. Иако можеби на прв поглед ќе ви изгледаат како работи кои одамна ги знаете и на кои не треба да им посветите поголемо внимание, бидете убедени дека тие во себе носат длабока смисла. Затоа, ајде да ги разгледаме поединечно.
    • За апстинентот да успее да го промени својот поглед кон алкохолот и кон животот воопшто, тој мора, барем еден период, додека не се наоружа со цврста волја за апстиненција, СТРОГО ДА ГИ ИЗБЕГНУВА КАФЕАНИТЕ И СТАРОТО ДРУШТВО. На кафеаната алкохоличарот треба да гледа како на куќа во кое се раѓа и живее злото, како на место во кое ѓаволот ја фрлил својата мрежа за да го улови секој, што преку алкохолот премногу ќе му се приближи, и повторно да го внеси во алкохолниот пекол.
    • Кревка е човечката душа и многу лесно може да падне во искушение. Затоа, НЕ ЧУВАЈТЕ АЛКОХОЛ ВО ВАШИТЕ ДОМОВИ. Многу лесно може да се случи, и тоа во моментите кога најмалку очекувате, вашата рака едноставно несвесно и непланирано, да посегне по шишето со алкохол. Се препорачува и вашите гости да ги пречекувате со сок или кисела вода, без оглед дали тие ќе ви замерат за тоа.
    • Кога терапевтот ќе оцени дека сте психички подготвени да прифатите вистинска апстиненција, за полесно да успеете во тоа, ќе ви препише и есперал. СЕКОЈДНЕВНО ЗЕМАЈТЕ ЕСПЕРАЛ НАЈМАЛКУ ЕДНА ГОДИНА и многу полесно ќе се спротивставите на алкохолните кризи, кои можат во секој момент да се појават. Напоменувам дека еспералот треба да се зема исклучиво по препорака на лекар – терапевт.
    • Во семејствата каде има алкохоличар, особено ако неговата алкохолна болест е во покритична фаза, СЕКОЈ ДЕН ПОМИНАТ БЕЗ АЛКОХОЛ Е КАПИТАЛ. Вистинско богатство за членовите од семејството е алкохоличарот да помине макар само еден ден трезен. Не само што тој ден нема залудно да потроши пари на пијанчење, туку многу поважно е што членовите на семејството ќе се одморат од неговите малтретирања, и што е најважно, во нивната душа ќе се роди и ќе заживее надеж дека и утрешниот ден и сите други наредни денови, ќе живеат во мир и благосостојба.
    • Помагајќи им на другите, индиректно си помагаме и себе си, за да ја зацврстиме нашата волја за трајна апстиненција. Затоа, ВО ТЕКОТ НА ЛЕКУВАЊЕТО ПОМАГАЈТЕ ИМ НА ДРУГИТЕ, ОСОБЕНО АКО СЕ ВО КРИЗА. Знаете, заедно е полесно да се живее, полесно можат да се надминат проблемите – ако едниот падне, другиот ќе го подигне.
    • Во секојдневното живеење потребно е да се надминат некои конвенционални правила по кои сме се однесувале и за кои, гледано од нова перспектива на апстинент, слободно можеме да кажеме дека не доведувале во заблуди и кои скапо не коштале во животот. Не е срамота, кога ќе дојде и кумот, кон кој треба да имаме посебна почит, ОТВОРЕНО ДА ЗБОРУВАМЕ ЗА СЕБЕ КАКО ЗА АЛКОХОЛИЧАР, А И СИТЕ ДРУГИ ОКОЛУ НАС ДА ГИ ЗАПОЗНАЕМЕ СО НАШЕТО ЛЕКУВАЊЕ. Ако луѓето кои доаѓаат во вашиот дом навистина ве почитуваат, ќе ја разберат вашата состојба и ќе се обидат, макар со тоа што барем пред вас нема да пијат алкохол, со што ќе ја разбрануваат вашата душа, да ви помогнат.
    • Алкохолната криза е непријатна состојба кога кај апстинентот се појавува неодолива желба да се напие алкохол. Најстрашна е помислата дека апстинентот, и тоа апстинент кој повеќе години издржал без алкохол, дека не е страшно ако се напие само една чаша пиво или вино. Таа страшна мисла е еден вид на криза, која ако ја задоволите, многу брзо ќе ве врати во алкохолниот пекол. Затоа, АКО ИМАТЕ КРИЗА, ЈАВЕТЕ СЕ ВЕДНАШ ВО КЛУБОТ НА ЛЕКУВАНИ АЛКОХОЛИЧАРИ. КРИЗАТА Е ПРОПРАТНА ПОЈАВА ПРИ АПСТИНЕНЦИЈАТА. Напоменувам уште еднаш, немојте да се залажувате дека кога било ќе се вратите во состојба на нормално пиење – донесете цврста одлука за апстиненција поткрепена со мислата, дека за алкохоличарот кој длабоко завлегол во алкохолниот пекол, со пиењето е завршено до крајот на неговиот живот.
    • Рецидивот е состојба кога алкохоличарот, во одредени околности на криза, не може да се спротивстави на ѓаволските искушенија и ќе се напие алкохол. Многу луѓе сметаат дека рецидивот е пропратна појава во апстиненцијата, што јас мислам дека е погрешно. Рецидивот е само појава, но не и пропратна појава која би можеле да кажеме дека е правило, кое очигледно се однесува само на кризата, која по правило, во различни облици, се појавува кај секој апстинент. Во Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп, имаме апстиненти кои служат за пример и кои издржале долга апстиненција, повеќе од дваесет години без ниту еден рецидив. Сепак, АКО ДОЈДЕ ДО РЕЦИДИВ, ЈАВЕТЕ СЕ, ШТО Е МОЖНО ПОСКОРО НА ТЕРАПЕВТОТ ИЛИ ВО СВОЈОТ КЛУБ НА ЛЕКУВАНИ АЛКОХОЛИЧАРИ. Само на тој начин ќе успеете, грешката што сте ја направиле со посегањето по чашата со алкохол, што побрзо да ја исправите, многу полесно да се вратите во апстиненција. Ако тоа не го направите, за брзо време ќе се вратите во поранешната состојба на секојдневно пиење и опивање и патот за излез од алкохолниот пекол, ќе биде многу потежок. Секако, не смее да се заборави дека постои и сув рецидив, кој може да го зафати алкохоличарот, членовите на семејството, членовите на Клубот, па дури и пошироката заедница. Често се случува да алкохоличарот, иако се воздржува од конзумирање алкохолни пијалаци, да продолжи да се однесува и да живее со истиот начин на живот како и пред апстиненцијата. Не презема никаква одговорност во семејството, не се обидува да го најде своето место во пошироката заедница, продолжува да ги посетува местата каде и порано имал навика да пие. За разлика од мокриот рецидив, кој значи враќање кон пиењето алкохолни пијалаци, сувиот рецидив значи враќање кон старите, веќе надминати облици на однесување, стариот начин на живот, без враќање кон пиењето. Сувиот рецидив во некои случаи може да биде поопасен и поштетен од краткотрајниот “воден рецидив”, кој Клубот на лекувани алкохоличари обично успешно го решава. Се работи за посебен облик на рецидив, кој не е помалку важен од враќањето кон пиењето и затоа, треба многу сериозно да се разгледува, не само заради тоа што може да доведе кон враќање на пиењето, туку пред се, затоа што е главна кочница за напредокот и развојот на алкохоличарот и неговото семејство.
    • Најважно, што секој апстинент треба да знае е дека׃ БЕЗ КЛУБ НА ЛЕКУВАНИ АЛКОХОЛИЧАРИ, НЕМА УСПЕХ ВО БОРБАТА СО АЛКОХОЛНАТА БОЛЕСТ. На прстите од рацете можеме да ги наброиме оние луѓе, кои го оставиле алкохолот и се вратиле во нормалниот живот и без посетување на Клуб на лекувани алкохоличари. Клубот е место каде се одржува трајна апстиненција, место каде апстинентот ќе се дружи со луѓе кои имаат иста или слична животна приказна, што е најважно, ќе се дружи со луѓе кои засекогаш му кажале збогум на алкохолот и кои можат да му служат за пример, луѓе кои се спремни во секое време да му помогнат и тој да го постигне истиот успех.
      За мојата борба со алкохолот и алкохолната болест, за начинот на кој јас се справував со алкохолните кризи, ќе дознаете кога ќе ја прочитате мојата книга “Исповед на еден алкохоличар.” Во романот “Како да се победи Кралот Алкохол” го опишав пристапот и лекувањето на неколку апстиненти, искуства кои многу ќе ви помогнат во зацвстување на вашата волја за трајна апстиненција. Посебно ја препорачувам мојата книга Победете го алкохолот – Пронајдете ја среќата. Во неа се разработени сите чекори кои водат до успех во оставрување на целта – победа над најголемиот непријател за целото човештво – Алкохолот!

Posted

in

by

Tags:

Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *